Растот на потрошувачките цени во САД изнесуваше 7,5 отсто на годишно ниво во јануари 2022 година, соопшти Министерството за труд.

Стапката на инфлација на годишно ниво значително надмина 7,2 отсто, како што предвидува компанијата Дау Џонс и е највисока од февруари 1982 година, пренесува CNBC.

Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на енергијата и храната, се зголеми за 6,0 отсто во јануари од очекуваните 5,9 отсто, а исто така е на највисоко ниво од август 1982 година.

Растот на општата и базичната инфлација на месечна основа во јануари изнесува 0,6 отсто, што е над прогнозата од 0,4 отсто за двата показатели.

Акциите на берзата паднаа по извештајот на Министерството за труд, а најпогодени се акциите на технолошките компании. Приносите на американските државни обврзници во исто време нагло скокнаа, а на референтните десетгодишни државни хартии од вредност достигнаа 2,0 отсто, што е највисоко ниво од август 2019 година.

Очекувањата на берзата дека Федералните резерви (ФЕД) ќе ја подигнат основната каматна стапка за 0,5 процентни поени во март пораснаа на 44,3 отсто наспроти 25 отсто, колку што беше непосредно пред објавувањето на податоците за инфлацијата.

Податоците за инфлацијата значат дека економијата на САД е на крстопат, бидејќи се предвидува дека брзата стапка на раст во 2021 година ќе забави оваа година, бидејќи ефектите од фискалните и монетарните стимулации исчезнуваат.

Повисокото зголемување на каматната стапка на ФЕД, насочено кон ограничување на инфлацијата, може да го направи проблематичен економскиот раст, кој, и покрај се, се очекува да остане над повеќегодишниот просек.

Процентуално, во јануари најмногу поскапеле мазутот во САД и тоа за 9,5 отсто месечно и дури 46,5 отсто на годишно ниво. Севкупно, цените на енергијата се зголемени за 0,9 отсто во однос на претходниот месец, а за 27 отсто на годишно ниво.

Цените на возилата, кои се меѓу факторите кои најмногу придонесуваат за порастот на инфлацијата од пролетта 2021 година, останаа непроменети во јануари за новите автомобили, додека за половните и камионите пораснаа за 1,5 отсто.

Во однос на јануари минатата година, новите возила поскапеле за 12,2 отсто, а користените за 40,5 отсто.

Трошоците за домување, кои сочинуваат околу една третина од вкупните потрошувачки цени, се зголемени за 0,3 отсто во однос на декември, што е најмал пораст од август 2021 година. Сепак, цените во оваа категорија се зголемени за 4,4 отсто во изминатите 12 месеци.

Цените на храната во САД минатиот месец скокнаа за 0,9 отсто во однос на истиот месец и пораснаа за 7,0 отсто на годишно ниво.

Негативното влијание на експлозијата на инфлацијата врз приходите на домаќинствата беше ублажено со значителното зголемување на платите на работниците, при што платите се зголемија за 0,7 отсто на месечна основа во јануари, објавија CNBC и Танјуг.

Преземено од Политика