За една година се одлага одлуката за целосна забрана за пуштањето на пластични и оксобиоразградливи кеси за носење стоки на пазарот во земјава која требаше да стапи на сила на 1 јули. Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираа дека направиле промена на датумот во Правилникот за изменување на правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција. И согласно измените, забраната ќе почне да се применува од 1 јуни 2024 година.

– Од тука забрана за употреба на кеси што не ги задоволуваат стандардите пропишани со овој правилник целосно ќе биде имплементирана од 1 јуни 2024 година – посочуваат од МЖСПП.
Производителите на кеси во земјава неодамна од министерката за животна средина, Каја Шукова побараа одлагање на мерката бидејќи краток бил рокот за да набават материјали за производство исклучиво на биоразградливи кеси. Од нивна страна беше предложено да се ревидира законската регулатива и да се направат поголеми напори за да се обезбедат еднакви услови на пазарот, односно да се спречи нелојалната конкуренција со нудење бесплатни пластични кеси. Дополнително, претставниците на индустријата предложија намалување на надоместокот за биоразградливите пластични кеси, кои би се продавале по 1 јули 2023 година.
Министерката Шукова, пак, тогаш укажа дека поништување или враќање назад на започнатата постапка за намалување на употребата на пластичните кеси за еднократна употреба нема да се случи, бидејќи тоа се обврски преземени од нашата држава за усогласување со законодавството на ЕУ. Но, им вети дека нивните предлози детално ќе бидат разгледани во координација со релевантните државни органи.
Со Законот за управување со пакување и отпад од пакување („Службен весник“, бр. 215/21) со цел намалување на создавање отпад од кеси изработени од пластични маси и пластични пакувања, се воведе и стапи на сила од 1 декември 2021 година забраната за пуштањето пластични кеси за носење стоки на пазарот во Македонија. Со исклучок, дозволено е пуштање на пазарот оксобиоразградливи кеси за носење стоки со надоместок, кој изнесува 15 денари за парче и кој задолжително се наплаќа од крајните корисници (купувачи) на местото на продажбата.
Согласно со членот 10 став 5 од Законот, трговецот е должен да води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место, која ја доставува до стручниот орган и вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси на квартална основа ја пренесува на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина.
Од Министерството за животна средина велат дека употребата на пластичните кеси е намалена за 10 пати, особено во маркетите, и тоа за околу 85 проценти.
Според Законот, парите од продажбата на кесите одат во специјален фонд за животна средина. Од донесувањето на Законот досега, во тој фонд се собрани над два милиона денари.