Зголемени камати на денарските депозити и дестимулирање на девизните заштеди. Ова се дел од мерките кои ги создаде Народната банка со цел стимулирање на штедење во домашната валута.
„Народната банка ја намали задолжителната резерва за денарските обврски од 6,5 проценти на 5 проценти, а истовремено ја зголеми стапката на задолжителна резерва за обврските во странска валута од 16,5 проценти на 18 проценти. Оваа мерка, којашто е втора по ред по мартовската промена на стапките на задолжителна резерва, е наменета за натамошно поттикнување на денаризацијата на билансите на банките, што би се постигнало преку промени во каматната политика на банките, поточно преку понуда на релативно поповолни камати на денарските депозитни производи“, соопштија од Народната банка“.

Веднаш по ваквиот чекор на Народната банка, „Стопанска Банка АД Скопје“ ги зголеми каматните стапки на денарските и девизните депозити со фиксна каматна стапка на физички лица и на депозитите со променлива каматна стапка за физички лица. Притоа, фиксните каматни стапки на денарските и девизните депозити со рок на орочување до 36 месеци, се зголемуваат до 0,2%. Детален преглед на актуелните каматни стапки на следниот линк.
Промените на каматните стапки се применуваат за сите нови орочени депозити и за постоечки депозити по истекот на рокот за орочување, односно на денот на реорочување на секој поединечен влог, почнувајќи од 1.7.2022 година.
Нов промотивен депозит веќе има и во „Халкбанк“ со атрактивна каматна стапка од 2%. Во „Халкбанк“ тоа може да го направите по навистина промотивна и висока каматна стапка од 2% за орочување во денари, на период од 13 месеци. Каматната стапка на промотивната понуда е фиксна и се исплаќа по завршување на периодот на орочување. Кај овој производ минималниот износ на вложување е 30.000 денари и истиот е без можност за делумни исплати и уплати на средства пред истекот на датумот на доспевање.
Во случај на предвремено раскинување на договорот за депозитот, се пресметува камата по видување според важечката одлука за пасивни каматни стапки на банката.
И „Шпаркасе Банка АД Скопје“ ја збогатува својата депозитна понуда со нов депозит за физички лица – Штеден план, погоден за клиентите кои се заинтересирани да штедат во денари и кои сакаат да направат добар план за заштеда на подолг период.
Сите оние што ќе го одберат новиот производ „Штеден план“, добиваат поволни услови за штедење во денари со гарантирани каматни стапки и можност за дополнителни вложувања. Со овој депозит, клиентите ќе бидат во можност да испланираат определен месечен износ од нивните примања, кој преку траен налог ќе се префрлува на депозитот и на тој начин депонентите континуирано ќе го зголемуваат својот штеден влог.
Освен со траен налог, дополнителни уплати може да се прават и преку шалтер и преку мобилно и електронско банкарство. Минималниот износ на почетен влог изнесува 6.000 денари, а минималниот износ на дополнителните уплати изнесува 1.000 денари. Депозитот ќе може да се отвори на рок од 12, 24, 36 и 60 месеци, а каматните стапки се фиксни за целото времетраење на орочениот депозит и достигнуваат и до 1,20% за депозитите на 60 месеци.
Воедно, со почеток од 1 јули, „Шпаркасе Банка АД Скопје“ ги зголемува и каматните стапки на традиционалните денарски депозити на физички лица на 12, 24 и 36 месеци, па така сега фиксната каматна стапка на денарските депозити со рок на орочување на 36 месеци изнесува 1,35%. Дополнителна поволност е воведена за примателите на плата и за депонентите со повисоки износи на депозити, изразена преку стимулативен додаток на каматна стапка.
Истовремено, од 1.7.2022 се продолжува и промотивната продажба на „Депозит Прогрес“ до 30.9.2022, со зголемување на каматните стапки на денарскиот „Депозит Прогрес“ на 36 месеци, така што сега клиентите добиваат просечна годишна каматна стапка од 1,6%.
Промените на каматните стапки се применуваат за сите новоорочени депозити и за постојни депозити по истекот на рокот за орочување, односно на денот на реорочување на секој поединечен влог, почнувајќи од 1.7.2022 година.