Деновиве се води полемика меѓу двајца „идеолози“ кои на политичката сцена се појавија како голи копуци, а се зборува дека сега располагаат со милијарди евра, во пари, недвижнини, а богами и во влијание, за тоа кој е виновен за урбанистичката, архитектонската и финансиската трагедија што го снајде главниот град со т.н. „проект“ „Скопје 2014.  

Овој медиум, Анторис, избегнува да се занимава со политичките аспекти и импликации на нивното владеење, но секогаш настаните ги гледи од економски, односно од финасиски аспект, а не помалку и од естетски.

Полемиката се води меѓу двајцата најмаркантни лидери на партијата со амбиција да се етаблира како најпатриотска и заштитничка на националниот идентитет и како единствена загрижена да го сочува, божем другите партии, односно челнови на тие партии и сите граѓани, не си го сакаат сопствениот идентитет и водат политика на денацификација.

Полемиката меѓу двајцата лидери на таа партија во моментов се наоѓа во фаза на докажување дека проектот, за кој од 2008 до 2016 година, се потрошија, по различни процени од 500 милиони до милијарда евра, дека не бил замислен како проект за докажување на некаков нов национален идентитиет, туку како музеј на отворено за да се претстават историските периоди и личности што поминале од праисторијата до ден денешен на територијата на Скопје, па се наведуваат разни примери за да го докажат тоа.

Од финансиски, од естетски, односно од урбанистички аспект се наметнува прашањето - дали имаше потреба  од сето тоа и колкав е ќарот или зијанот?

Добивме бетонизирање на градот, уништување на парковите и зеленилото, менување на урбанистичките планови преку ноќ, за да биде законски чисто, укинување на законите на следната собраниска седница веданш откако работата ќе се завршеше, односно намерата ќе се оствареше во нивна корист.

Од снимките што беа емитувани и што го означија крајот на 11-годишното семоволие во изболичувањето на градот се слуша гротескната препотентност на наредбодавачот: таму и таму да се изгради споменик, без прашање колку ќе чини! Од тие наредби на министерот за финансии му се креваше косата, па во еден момент, според снимките („бомби“) велеше дека му иде телефонот да му го удри од глава, дека - да бевме Америка немаше да можеме да си дозволиме толкаво трошење пари, однсно дека немаме за леб, а јадеме чоколади.

Сите познавачи од градежната бранша се согласуваат дека тогашната цена на споменикот на Александар Македонски не може да чини 11 миоиони евра, сиот тој материјал и леењето во италијанските леарници едноставно не може да чини толку. Се разбира дека ова се однесува и на другите скапо платени споменици.

Македонија отсекогаш била сиромашна земја. И во Југославија бевме една од неразвиените републики или во развој, но ударот што го доживеа Скопје со „Скопје 2014 го уби Скопје и естетски и финансиски и со голема жал можеме да констатираме дека убавината на овој град никогаш мена да се врати, нема веќе романтични амбиенти што ја прават убавината на градот, па и на секој двор посебно, сето тоа потона во криминалот и во грабежот.

Модерниот правец во архитектурата, по кој беше трганто Скопје со своите претходни градби:  зградата на владата, МАНУ,  УКИМ, МРТВ, Универзитетската библиотека, Македонскиот народен театар (МОБ), ЕМБУЦ, кејот на Вардар, стоковната куќа „Мост“, студентскиот дом „Гоце Делчев“, Градскиот трговски центар, Муземјот на современата уметност, Поштата… беше сурово и безобѕирно прекинат во име на некаква антиквизација, во која светската наука/историја не не’ има  ставено, бидејќи таа е јасно временски и просторно дефинирана, а јасно се дефинирани и носителите на тој историски период од 1500 години.     

Укажувањата на здруженијата на архитектите, на историчарите, на естетите, на уметниците, беа игнорирани, маргинализирани, безмалку забранувани. Дури и правото на авторство на архитектите на сопствените дела беа силеџиски негирани со газење врз нивното професионално и човечко достоинство.  

Сега, скопјаните, не скорешните „граѓани“, туку сведоците на архитектонскиот, урбанистичкиот и културиот развој, не го препознаваат градот. На сликите од новиот изглед нема ниедно дрво да зеленее. Вештачкиот мермер - стиропорот се распаѓа, паѓаат цели фасади и вистинско чудо е како досега никој не е сериозно повреден. 

Помладиот лидер вели дека идејата за “антиквизацијата”  ја дал постариот лидер. „Идејата за проектот во историскиот дел, не беше само да се прикаже историјата на македонската нација, туку и историјата на нашето парче земја која тогаш се нарекуваше Република Македонија, што значи дека “Скопје 2014” беше над национален (ова се пишува заедно: „наднационален“, м.з.) проект“, пишува тој.

Но, експертите по музејски науки, би рекле дека сето тоа може да се спакува во еден музеј, со макети што чинат речси ништо, наместо еден цел град, чија традиција и култура е пластена со векови пласт по пласт да се прекине во својот напредок, да се обезличи, да му се уништат местата на кои се создавеле спомените, како Корзото, Пред Ванила, Кенан, Чичко Стоико, Старата чаршија, прекрасниот кеј на Вардар, Старата железничка станица… со едно самоволие на кое никој никогаш не му го ставил вкусот на тестирање.    

Вистинско чудо е како го спасивме Гратскиот трговски ценатар (ГТЦ), ремек дело на архитектурата и во меѓународни споредби. Со гушкање! Вистинско прашање е како жителите на кои им беше одземено зеленилото и погледот од прозорците не реагираа пожестоко на налетот на булдожерите кои уриваа за сосила да натрупаат тони бетон и сивило обвиткано со невкус и недефиниран стил.

Така беше убиена уметничката и животната става и сила (aura vitalis) на градот, која ниеден од тие што ja убија не ја препознаваа.

Магијата на уметноста е во нејзината необјаснивост со прости зборови. За вистинската уметност постојат разни погледи, безброј толкувања и скриени трепети, затоа вистинскит сладокусци, омеканати од неа пред секое вистиснко уметнички дело доживуваат тресење на колената, а за квазиуметноста – кичот, никој не може да најде убави зборови, освен воодушевување од нивната физичка големина.

Сега сите сме ставени во ист кош на сремот од чудењето на странските туристи, односно од етикетите што ни ги лепат влијателните светските медиуми - дека нашиот град е „европска престолнина на кичот“.

Парите се потрошени, делата се застарени, виновниците се на слобода, нашите џебови се празни, колку да се обновува приливот во нив, секогаш ќе ни фали таа милијарда фрлена за нејасните цели на идеолозите на тој бетон и стиропор, што се рони секој ден, паќа и уште толку го загадува градот.

Идеолозите на ова трошење и осиромашување можеби и не го сфаќат ова, затоа со лесно ги фрлија парите што ги немаме.

Ниеден од нив не успеа да ја докаже оправданоста на таканаречениот проект, што значи никој не може да ја негира вината за нешто што никому не му требаше.