Доколку предлогот што Европската комисија го претстави помине, старите, дотраени автомобили повеќе нема да можат да се продаваат надвор од ЕУ и да придонесуваат за безбедноста на патиштата и загадувањето на животната средина во трети земји, а наместо тоа ќе се рециклираат.

„Во наредните години на пазарот ќе излегуваат се повеќе автомобили со нула емисија, што ќе ја зголеми побарувачката за вредни примарни материјали. Денешниот предлог ќе обезбеди рециклирање и повторна употреба на што е можно повеќе од овие материјали, што ќе овозможи нов живот на компонентите на нашите автомобили и значително ќе го намали еколошкиот отпечаток на патничкиот сообраќај“, рече извршниот потпретседател на Комисијата Франс Тимерманс, одговорен за Европскиот зелен план.
Комисијата предложи уредба со која би се замениле постојните директиви за дотраените возила за нивна повторна употреба и рециклирање. Комисијата тврди дека новите регулативи ќе доведат до годишно намалување на емисиите на CO2 од 12,3 милиони тони до 2035 година, подобра валоризација на 5,4 милиони тони материјали и зголемена повторна употреба на клучните суровини.
„Спроведувањето на регулативата ќе доведе до долгорочни заштеди на енергија во производствената фаза, намалување на зависноста од увезени суровини и промоција на одржливи и кружни деловни модели“, наведуваат од Комисијата.
Освен економски, еколошки и социјални придобивки за ЕУ, регулативата ќе придонесе за поголема безбедност на патиштата во трети земји, бидејќи ќе го спречи извозот на користени автомобили и ќе го намали загадувањето во земјите кои увезуваат такви автомобили. Секоја година повеќе од шест милиони возила го завршуваат својот животен век во Европа.
Автомобилската индустрија ќе стане најголемиот потрошувач на клучните суровини што се користат во е-моторните магнети во Европа. Затоа, зајакнувањето на отпорноста на ЕУ на нарушувања во синџирот на снабдување и намалувањето на нејзината зависност од увозот на овие суровини е клучно за транзицијата кон возила со нулта емисија.
Според предлогот за новата регулатива, производителите на автомобили ќе треба да дадат јасни и детални упатства за расклопување на возилата и како да се заменат и вадат делови и компоненти за време на употребата и на крајот на животниот век на возилото, пренесува „ AutoBlog “. Најмалку 25 проценти од пластиката во новите автомобили ќе треба да дојде од рециклирање, а од тоа најмалку 25 проценти мора да се рециклираат од возила кои се на крајот на животниот век.
Подрачјето на примена на овие мерки постепено ќе се прошири на нови категории како што се мотоцикли, камиони и автобуси, со што ќе се обезбеди посеопфатна покриеност.
За предлогот на Комисијата треба да одлучуваат Советот на ЕУ и Европскиот парламент .