„Native Teams“ претставува глобална финтек платформа која им пружа поддршка на фриленсерите. Тоа е глобална платформа за плаќања и подмирување на статус на вработен, поддржана од виртуелен паричник и дебитна картичка која помага при работата на секој фриленсер, вработен на далечина или компанија. Еден од нејзините основачи, Никола Бубевски, го објаснува како 4 во 1 - како спој од персонална компанија, банка, кноговодствени услуги и интернационален партнер на фриленсерите. Во моментов, „Native Teams“ е достапна во повеќе од 40 држави и работи тим од 70 луѓе.

Но, пред да дојде „Native Teams“, приказната на младиот Никола Бубевски кој е еден од основачите на компанијата и работи во делот на стратегиски операции е сосема необична.
„Јас сум градежен инженер по професија, надвор од ИТ светот, ентузијаст по природа. Со фриленсерство почнав од 2013 година, кога немав ни 18 години, а веќе бев топ продавач на фриленс платформата „Фајвер“ за гледање на кафе. Излегов на тој пазар глобален фриленсерски. Сфатив дека на фајвер има една мала категорија која се вика “бизарно“ и во нејзе немаше многу конкуренција. Традиционално, јас имав баба која беше многу добра во толкување на тие симболи и кафиња. Седнав еден ден и реков да ми ги објасни симболите. Навлегов толку многу, што влегов во библиотека и собрав книги со дата база од над 2 000 симболи, нивно значење и интерпретација и за кратко време бев најдобар продавач на „Фајвер“. Деталноста на тие турски кафиња беше компетитивна на пазарот и немаше конкуренција“, се сеќава Бубевски на неговите почетоци.
Сите заработени пари ги реинвестирал во едукација. Од првите заработни стигнал до Градежниот факултет. Првиот курс кој го уплатил бил за Фотошоп, курс за 3Д моделирање... Неговите услуги почнал да ги препродавам на две големи платформи преку еден човек од Кипар кој беше експерт и ја имаше направено најдобрата веб страна за турско кафе. На тој начин, почнал да функционира и надвор од „Фајвер“.
„Со комбинација од гатање и маркетинг, во мојот сектор наидов на неколку клиенти имаа потреба некој да им ги работи процесите маниелно - се работи за маркетинг, но и некој кој ќе им донесе клиенти кои веќе имаат искуство со тој момент. Преку моите курсеви и мојот пазар формирав агенција која траеше година дена, каде првите клиенти ми беа корисници на „Фајвер“, раскажа Бубевски.

Патот до приказната за „Native Teams“
Идејата започнала во 2018 од Битола, додека како фриленсери со тим работел на проекти, а платформата ја лансирале во 2021 година. Сега веќе има над 35 000 корисници, достапна во над 50 држави. Првите клиенти на платформата биле токму од Македонија. За „Native Teams“, Бубевски вели дека не е продукт кој е направен и тестиран на пазарот, туку продукт кој е решение и затоа е лесно да се пробие на пазарот. Едни од првите прашања кои ги добивале е дали ќе успеат да им пронајдат на клиентите работа и вработување. Мислењата биле во насока дека тоа е платформа каде се бара работа. Имало и прашања од типот на - како можам да платен, како мојот клиент ќе ги упати средствата, дали имате канцеларија... Но, како што вели Бубевски, се повеќе расте духот на разбирање на функционирањето на фриленсингот и тие прашања спласнуваат.
Нивната компанија без оглед во која и земја да се наоѓа е достапна постојано да им ја објаснува работата на клиентите без оглед дали тоа е телефонски, чат или електронска пошта.
„Имаме политика на работа, имаме некој кој го разбира тој пазар, маркетинг метод на продажба. Тоа е бавен процес, опфаќа многу различни секции во фирмата. Компанијата се состои од пет крила - тим за финансии, правен тим, инженеринг тим, продажба и маркетинг и поддршка на корнисици. Кога влегуваме во една земја, се гледа најпопуларното средство за комуникација, тежината на пазарот. Нигерија, на пример, е тест процес за да влеземе на африканскиот пазар, преку локални соработки добиваме податоци, а создаваме соработки со останати фирми“. Многу брзо се шириме и инвестицијата за нашиот апетит е мала. Работевме активно 6 месеци за да не препознаат на глобалниот пазар и да инвестираат во нас. Инвеститорите се најчесто од Англија. Претходно сме имале мали проекти за клиенти кои сме ги работеле и ја имавме веќе таа мрежа. Имавме човек од Англија со 15 години искуство во таа сфера кој е дел од нашиот тим. Тој ни даде насоки што да направиме“, вели Бубевски.
Инвестицијата од 2 милиони долари која ја добија кон крајот на минатата година, ја искористуваат за вложување во компанијата и за отворање кон други земји. Секој процес чини пари, вели Бубевски - при влегување во една држава, треба да го знаеш локалииот закон, регистрирање компанија, локални експерти.
Инаку, инвестицијата во „Native Teams“ претставува една од најголемите инвестиции досега за стартап од Македонија.