Со измените на Законот за буџет, кои ќе стапат во сила на почетокот на идната година, сите министерства, јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, јавно-приватни субјекти ќе можат да вработуваат без да добијат согласност од Министерството за финансии.
Со овие измени се укинува „согласноста за вработување“ па институцијата ќе може да вработува само со изјава од раководно лице на институцијата дека се обезбедени средства за вработување.
– Првиот човек на иснституцијата ќе одлучува колку нови луѓе му требаат и тие треба да бидат во согласност со буџетот што претходно им е предвиден за нови вработувања. Во случај да се надмине буџетот одговорноста паѓа врз министрите. Тие претходно ќе пишуваат изјава дека ќе вработуваат во согласност со планираниот буџет, а ако го надминат ќе одговараат кривично – рече на брифингот со новинарите министерот за финансии Фатмир Бесими.
Всушност од финансии сметаат дека ова е нова поедноставена постапка во процесот на вработување во јавниот сектор, која исто како и досега опфаќа четири чекори со таа разлика што годишниот план за вработување го носи самата институција која ќе го вработи лицето, врз основа на претходно прифатен план за вработуување од МФ, МИОА,МПС , ресорните министерства и советот на општина со завршна изјава од раководното лице на институцијата дека се обезбедени средства за исплата на вработениот.
Министерот не смета дека со ова ќе настане хаос од вработувања во јавниот сектор, напротив, според него, со ова се става ред. Практично тој смета дека на овој начин се поедноставува постапката за процесот на вработување во јавниот сектор, а контрола на процесот на вработувањето ќе бидат финансискиот план и прегледот за вработувања кои претходно секоја година ќе ги одобрува Владата. Евентуалните злоупотреби ќе можат да ги пријават и самите вработени, а за погрешна изјава раководителот ќе биде гонет од јавното обвинителство и судовите.
Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или се за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари. Растот на економијата е проектиран на ниво од 3,4 отсто, а инфлацијата на ниво до 3,6 отсто.