НЛБ Банка во првиот квартал заработи 8,1 милиони евра. Банката за првите три месеци од годинава оствари нето добивка на износ од 499.309.000 денари. Добивката е зголемена за 19,3 проценти во однос на истиот период претходна година, стои во Анализата за финансиските резултати што банката ги објави на електронската платформа на Македонска берза.
НЛБ Банка во првиот квартал заработи 8,1 милиони евра
Признаен квалитет
НЛБ Банка АД Скопје и покрај негативни ефекти од пандемијата, како една од водечките финансиски институции во земјава, ја зачува високата ликвидност и солвентност, го задржи континуитетот и квалитетот на услугите кои ги нуди и обезбеди финансиска поддршка на клиентите.
Во првиот квартал од 2021 година, Банката успеа да оствари позитивни резултати преку реализација на низа активности поврзани со зголемување и подобрување на понудата за клиентите со продукти и платни сервиси. Во овој период, Банката продолжи со имплементација на стратешките иницијативи во инвестиции во дигитализација и нови технологии, со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како поедноставни, поевтини и побезбедни начини на извршување на банкарските трансакции.
Инвестициите во дигитализацијата, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите извонредни финансиски резултати во изминатата година, во првиот квартал од 2021-та беа наградени од:
-Финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2020 каде НЛБ Банка АД Скопје e избрана за Најдобра банка во C. Македонија.
Успешно тримесечје
НЛБ Банка АД Скопје за првите три месеци од годинава оствари нето добивка на износ од 499.309.000 денари и е зголемена за 19,3 проценти во однос на истиот период претходна година.
Вкупните приходи од работење во овој квартал изнесуваат 1.197.497.000 денари. Тие се повисоки за 4,3 проценти во однос на истиот период од претходната година.
Зголемени се и оперативни трошоци за 5,6 отсто на 507.719.000 денари. Така што трошоците за вработени се повисоки за 2,1 процент. Додека, трошоците за амортизација се повисоки за 7,7 отсто. Останатите расходи од дејност се повисоки за 8,8 проценти во однос на истиот период претходната година.
Заклучно со март 2021, издвоени се Исправки на вредноста на финансиските средства и вонбилансна изложеност, на нето основа во износ од 133.331.000 денари. Сума за 28,4 отсто помалку во однос на истиот период претходната година соодветно на структурата и квалитетот на кредитната изложеност.
Исправките на вредност на нефинансиски средства изнесуваат 1.659.000.
Бруто добивката на Банката заклучно со 31.03.2021 година изнесува 554.788.000 денари. Тоа претставува раст од 19,3 отсто во однос на истиот период претходна година.
Нето добивката на Банката за првите три месеци од годинава изнесува 499.309.000 денари. И таа зголемена за 19,3 отсто во однос на истиот период претходна година.
Очекувања за престојниот период
НЛБ Банка АД Скопје, како втора системски значајна банка и трета банка по големина во Р.С.Македонија, постојано го следи развојот на кризата, влијанието на банкарските финансиски позиции и следствено проактивно ги прилагодува своите деловни операции.
Банката редовно превзема мерки за заштита на своите клиенти и нуди најоптималните решенија. А, како современа и креативна банка, ги следи светските технолошки трендови. Воедно, насочувајќи ги своите ресурси кон позитивните придобивки од кризата како што се забрзаната дигитализација и развојот на нови бизниси, проследено со континуирано унапредување на банкарските процеси.
Банката ќе продолжи да се стреми кон одржувањето или зголемување на пазарниот удел по различни сегменти во банкарскиот сектор на земјата во зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста. Како и досега, Банката интензивно ќе работи на развој на знаењето и вештините на човечките ресурси како главен столб на доброто работење, како и на развој на информатичкиот систем на Банката