НЛБ Групацијата до 2030 година ќе стане водечка банкарска Групација во регионот, со повеќе од три милиони клиенти, двојно поголем биланс и добивка од една милијарда евра. Ова е основата на новата, амбициозна деловна стратегија на НЛБ Групацијата, која беше претставена на дводневниот „НЛБ Ден на инвеститорите“ во Љубљана, пред повеќе од 200 странски инвеститори, финансиски експерти, аналитичари, претставници на клучни регионални компании и медиуми. 

   

Развиена како одговор на променливото банкарско опкружување, претстојните предизвици, но и новите можности, стратегијата предвидува до 2030 година НЛБ Групацијата да стане лидер во сегментот на мали и средни претпријатија, истовремено играјќи водечка улога во областа на финансирањето на енергетската транзиција, каде обемот на ваквите заеми ќе изнесува 3,2 милијарди евра.

Стратешката цел на Групацијата во областа на плаќањата е до 2030 година уделот на мобилни плаќања да надмине 80 проценти од сите плаќања. Затоа, новата стратегија става голем акцент на дигитализацијата и вештачката интелигенција. За овие цели, НЛБ Групацијата има намера да инвестира од 170 до 200 милиони евра во следните пет години.

„Со темелно разбирање на деловното опкружување и внимателно разгледување на ризиците, новата деловна стратегија исцртува пат што ќе продолжи да ја оправдува довербата на нашите акционери со силна исплата на дивиденда, а во исто време ќе продолжи со долгорочен развој на Групацијата и индиректно, и поширокото економско опкружување во нашиот матичен регион“, објасни извршниот директор на НЛБ, Блаж Бродњак, при откривањето на новата стратегија на Групацијата.

Заклучок на вториот „Ден на инвеститорите“ на НЛБ е дека како најголема банкарска Групација со седиште и ексклузивен стратешки фокус на Југоисточна Европа, го препознава големиот потенцијал на овој регион. Затоа новите стратешки цели се амбициозни, но реални.

На конференцијата покрај претседателот на УО на НЛБ банка Скопје, Бранко Грегановиќ, учествуваа и бизнисмени од Македонија од повеќе успешни компании. 

За потсетување, на „Денот на инвеститорите“ во Љубљана, НЛБ Групацијата ги објави и трите најдобри регионални идеи за подобро општество од проектот „Рамка за помош“, за кои Групацијата обезбеди вкупен награден фонд од 100.000 евра. Оваа сезона баравме иновативни проекти од регионот кои го подобруваат и збогатуваат нашето општество и решаваат различни предизвици. Добивме вкупно 272 апликации од сите пазари каде што работи НЛБ Групацијата, а меѓународното жири избра три регионални победници за кои сметаше дека најмногу можат да помогнат да се надминат предизвиците во општеството, системските нееднаквости и да придонесат кон благосостојба на поединци.