Нобелова награда за хемија годинава ја делат Дејвид Бејкер „за пресметковен дизајн на протеини“ и Демис Хасабис и Џон М. Џампер „за предвидување на структурата на протеините“.

Образложение за одлуката за наградата за хемија- подобро разбирање на отпорноста на антибиотици
Протеините генерално се состојат од 20 различни аминокиселини, кои можат да се опишат како елементи кои го градат животот, објави Нобеловото собрание на Институтот Каролинска во Стокхолм.
Во образложението на Одлуката, се наведува дека во 2003 година, Бејкер успеал да ги искористи тие блокови за да дизајнира нов протеин кој не е сличен на кој било друг протеин.
Другото откритие е поврзано со предвидувањето на протеинските структури. Во протеините, аминокиселините се поврзани во долги низи кои се виткаат за да формираат тродимензионална структура, што е од клучно значење за функцијата на протеините.
Од 1970-тите, истражувачите се обидоа да ги предвидат протеинските структури од секвенците на аминокиселините, но не успеаја.
Во 2020 година, Хасабис и Ксампер претставија модел со вештачка интелигенција наречен АлфаФолд2 (AlfaFold2).
Со негова помош, тие можеа да ја предвидат структурата на речиси сите 200 милиони протеини кои истражувачите ги идентификувале. Оттогаш, „AlfaFold2“ го користеа повеќе од два милиони луѓе од 190 земји.
Меѓу безброј научни апликации, истражувачите сега можат подобро да ја разберат отпорноста на антибиотици и да создадат слики од ензими кои можат да ја разградат пластиката.
Благодарение на нивното откритие, сега може да се предвидат протеински структури и да се дизајнираат протеини.
Победниците ќе поделат парична награда во износ од 11 милиони шведски круни (околу 1.000.000 евра). Наградата за хемија се доделува од 1901 година и досега имало 115 лауреати.
Да потсетиме: Научниците Џон Хопфилд и Џефри Хинтон ја добија Нобеловата награда за физика за откритија и пронајдоци кои ги поставија темелите на машинското учење, објави Кралската шведска академија на науките.
Пред нив, американските научници Виктор Амброуз и Гари Рувкун ја добија годинашната Нобелова награда за медицина за откритието на микро РНК, односно фундаменталниот принцип што ја регулира активноста на гените, објави Нобеловото собрание на Институтот Каролинска во Стокхолм.
Името на добитникот на Нобеловата награда за литература ќе биде објавено на 10 октомври во Стокхолм.
На 11 октомври во Осло ќе биде објавено името на овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за мир.
Името на нобеловецот за економија ќе биде познато на 14 октомври, а ќе биде објавено во Стокхолм.
Наградите ќе бидат доделени на церемонии во Стокхолм и Осло на 10 декември, на годишнината од смртта на шведскиот научник Алфред Нобел, кој ја основа наградата.