„Струја за 100.000 домаќинства, 55 ветерници коишто ќе произведуваат еден терават час електрична енергија, што е 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија и е најголема инвестиција во сегментот на парк со ветерници. Оваа инвестиција ќе отвори и нови 630 вработувања, или како што стои во соопштението на Владата:„Инвестиции за подобар животен стандард“.
Како што информираат од Владата зад инвестицијата стои „Alcazar Energy Partners“ е водечки независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим на советници со седиште во Дубаи. Фондот е фокусиран на големи проекти за обновлива енергија на пазарите во развој, а Западен Балкан го смета за посебно атрактивен,затоа што регионот е наклонет кон зелената енергија, односно за нулта енергија од јаглен.
Ветерниот парк, како што беше посочено на денешната промоција на инвестицијата, ќе произведува електрична енергија со која ќе се задоволат потребите на околу 100 илјади домаќинства.
Според премиерот Христијан Мицкоски, се работи за најголема инвестиција во делот на обновливите извори во регионот.
Како што нагласи, овој проект е значаен од многу аспекти - со него ќе се зајакне значително енергетката независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе отвори пат за нови инвестиции. Значи, целта е Македонија од увозник, да стане извозник на струја. Тој кажа дека инвестицијата тежи половина милијарда евра. А кога е во прашање неговата големина како илустрација направи споредба: ветерниот парк ќе произведува струја повеќе од ТЕ-ТО Скопје. Мицкоски нагласи дека не верува во чуда кои не се можни, но рече дека проектот е изводлив и дека тој има тим за енергетика кој е најдобар, како што нагласи, во регионот.
За проектот нема специјални закони, нема загарнтиран откуп по загарантирна цена за 20 – 30 години, туку инвеститор кој ќе инвестира 450 милиони евра, а државата ќе добие за 100 милиони евра поголем приход во БДП што треба да донесе 20 отсто од вкупното производство на струја што ќе ја направи енергетски балансирана земјава.
Ветерната фарма ќе се инсталира во источниот дел од земјата помеѓу трите општини Карбинци, Штип и Радовиш.
Министерката за енергетика Сања Божиновска најави програма за грантови и поволни кредити за 150 илјади домаќинства во еден мандат за сопствениците на приватните куќи и станови.
- Поддршката ќе се однесува на поставување нови енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, исто така и субвенции за граѓаните до 50 проценти од цената за набавка и инсталација на енергетска ефикасна опрема. Домаќинствата ќе имаат можност да го продаваат вишокот од произведената електрична енергија по подобри услови со промена на постоечката регулатива. Предвидуваме и промени на начинот на пресметка за исплата на продадената вишок произведена енергија, посочи Божиновска.