Во новата година  со првата нова инвестиција во државава. Нови 40 милиони евра инвестиција и најмалку нови 600 работни места во Технолошко индустриската развојна зона во Штип ќе донесе фабриката која што ќе ја изгради канадската компанија „Магна мехатроникс“, во која ќе се произведуваат компоненти за автомобилската индустрија. Инвестицијата која ја најавија на денешната прес конференција македонскиот премиер и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, ќе стартува со тест производството годинава, а сериското производство би требало да започне во првата половина од наредната година.

Според премиерот, трендот се повеќе странски компании да отвораат свои фабрики овде во земјава е од голема помош за економскиот раст и напредок на земјата, за раст на платите и пензиите што позитивно ќе се одрази на квалитетот на животот на граѓаните.

-Компанија која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомовили во светот по остварениот стабилен раст на европскиот пазар имала потреба од нова фабрика на една од деветте групации. По спроведеното истражување на потенцијални локации за отворање на нова фабрика во Европа кое опфати повеќе држави, компанијата одлучи  да инвестира и отвори фабрика овде во Македонија, на понудената локација во Технолошко-индустриската развоја зона во Штип, истакна премиерот на денешната прес-конференција.

Тој информираше дека по отворањето на фабрика во ТИРЗ Струга, за производство на ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија, каде според бизнис планот на компанијата ќе се вработат илјада луѓе, во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика каде производстовото се планира да започне годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година.

- Нема поголем влог во државата од тоа младиот кадар своето знаење и труд да го инвестира во сопствената земја и да биде движечка сила за напредокот на државата. Таа можност им ја должиме на младите генерации и по секоја цена ќе ја оствариме. Нашите граѓани заслужуваат европски услови за работа и европски плати, нагласи премиерот.

Директорот на Дирекцијата за Технолошки-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски рече дека во завршна фаза на разговори се повеќе крупни инвестициски проекти, за кои ќе информираат следните недели.

Според деловниот план, инвестицијата во ТИРЗ Штип предвидува најмалку 600 работни места, а директорот очекува бројката да биде поголема.

Како што рече тој, локацијата во Штип била избрана за да се поттикне поумерен регионален развој бидејќи, бенефитите од странските инвестиции не се исклучива привилегија на граѓаните на главниот град, туку треба да бидат достапни за сите.

Лани раст на извозот од 26 отсто во ТИРЗ


Вкупниот обем на извозот на компаниите во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) во 2022 година е 3,75 милијарди евра или за 26 отсто повеќе отколку во претходната 2021 година кога растот беше 14 отсто. Првпат во третиот квартал од 2022 година беше надминат прагот од една милијарда евра извоз, а во сите четири квартали извозот се движи над 850 милиони евра, информира денеска директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски.

При тоа, како што кажа на денешната средба со новинарите, увозот во ТИРЗ во 2022 година достигна до 3,37 милијарди евра и е за 16 отсто повисок отколку во 2021 година, но има помала динамика на раст од извозот.

 -Ова е неспоредливо најдобар резултат во однос на сите претходни години во работењето на зоните. Годината ја завршивме и со нето ефект на извозот и увозот од над 10 проценти. Тоа се пари кои се останати во домашната економија. Првичните пресметки велат дека 40 отсто од овие средства се останати и во буџетот и во џебот на над 16 300 наши сограѓани кои работат во овие компании, рече Деспотовски и додаде дека само во 2022 има над 2.300 нови работни места во ТИРЗ.

Разликата меѓу извозот и увозот од зоните, како што посочи, е 370 милиони евра, пари кои реално останале во државата. Како што рече Деспотовски во зоните има 16 300 вработени со бруто плата по работник од околу 10.000 евра годишно. Тоа значи дека околу 40 проценти од нето извозот од 370 милиони евра останал во државата или околу 160 милиони евра од кои на име на придонеси за плати во државната каса се прелеале околу 30 отсто или 50 милиони евра. Податоците, додаде, ќе бидат попрецизни по објавувањето на завршните сметки за 2022 година. Исплатата на државна помош до фирмите во ТИРЗ, во 2022 година, прецизира, беше околу 750 милиони денари, а само по основ на придонеси има приходи од околу три милијарди денари.

-Тоа покажува дека имаме многу здрав сооднос на исплатени и приходувани пари. За секој денар исплатена поддршка од државата во буџетот се враќаат четири денари. Имаме и зголемен обем на инвестиции, но и зголемен квалитет и зголемена додадена вредност. Очекувам дека и годинава забрзано да продолжи растот на работни места и нови инвестиции, посочи Деспотовски.

Технолошко-индустриските развојни зони 2022 година ја завршија со над 430 милиони евра нови инвестиции, а во завршна фаза на разговори се повеќе инвестиции од над 200 милиони евра.