Новата сезонска авиолинија на „Ер Балтик“ од скопскиот аеродром, ќе им овозможи на клиентите поврзување од витално значење со балтичките држави и светот и ќе им овозможи да ги истражуваат овие региони со огромна леснотија и удобност.

Претставниците на „ТАВ аеродроми“ се воодушевени за веста дека „Ер Балтик“ од следната летна сезона во 2024 година влегува на македонскиот авијациски пазар со воведување на новата авиолинија Скопје – Рига – Скопје, затоа што оваа новина ќе создаде зголемени можности за клиентите што патуваат преку Меѓународниот аеродром „Скопје“.

„Воведувањето нов лет до Рига од скопскиот аеродром и додавањето на ‘Ер Балтик’ како нова авиокомпанија во портфолиото на ТАВ, како и влегувањето на авиокомпанија на македонскиот авијациски пазар, е одлична вест. Ова дополнување ќе им овозможи на клиентите беспрекорен пристап до многу културни, историски и деловни дестинации. Оваа нова авиолинија не само што ќе ја подобри поврзаноста туку и ќе им овозможи на патниците да ги истражуваат овие региони со леснотија и удобност – Рига, со својот волшебен спој на историја, култура и современост, во исто време и бизнис-центар во балтичкиот регион, и Скопје и Балканскиот Регион, со своето историско значење, природни убавини, кујна и гостопримство. Ѝ честитаме на ‘Ер Балтик’ и ја цениме нивната одлука бидејќи оваа нова авиолинија ќе ги поврзе Балтичкиот и Балканскиот Регион,“ изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

„Ер Балтик’ и натаму е водечка авиокомпанија во регионот, а со воведувањето 11 нови линии следното лето, ќе ги зајакнеме нашата позиција и нашата амбиција да растеме подобрувајќи ја поврзаноста од Балтикот. При подготовките за следната сезона секогаш внимателно ја проценуваме состојбата на пазарот и побарувачката. Овој пат идентификувавме можност да ја прошириме нашата мрежа во Централна и Југоисточна Европа со конекции со балтичките и нордиските земји. Затоа драго ни е да ја прошириме понудата на ‘Ер Балтик’ следното лето со практични и погодни директни летови до и од овој регион“, изјави Мартин Гаус, претседател и главен извршен директор на „Ер Балтик“.

Билетите за новата авиолинија се достапни за резервација преку веб-страницата на „Ер Балтик“: www.airbaltic.com, со цени почнувајќи од 89 евра за патување во еден правец.