
Култниот македонски состав „Мизар“ го најавува своето последно, петто откровение со ново/стар сингл „Униније“ (2021), инаку една од темите кои се најдоа и на нивниот култен прв албум „Мизар“ (1988).
Автор на „Униније“ е Горазд Чаповски, а нему му се придружи и Златко Симионски како продуцент. Самиот сингл, како и албумот, беше снимен во студиото До Ре Ми во Скопје.
Најава за новиот албум на „Мизар“ започна со песната „Галеб“ во март 2020 година. Оваа година излегоа „ A day is coming/ Доаѓа ден“ и „Luzna/ Scar“.
„Мизар“ со гордост го најавува голем концерт на крајот на јули во Охрид, а издавањето на нов албум е поврзан со нивното петто откровение, планирано за есен 2021-ва година.
Покрај Горазд Чаповски (гитара), сегашниот „Мизар“ го сочинуваат и Зоран Тортевски (вокал), Пеце Китановски (бас) и Златко Симиониски (тапани).
„Мизар“ – најсветлата ѕвезда на македонското алтернативно музичко небо, е култен македонски рок бенд формиран во 1981 година во Скопје, и е еден од пионерите на dark звукот на овие простори.

Групата го носи името на ѕвездата Мизар од со соѕвездието Голема Мечка, ѕвезда водилка за многу патници…
Иако „Мизар“ е првенствено рок бенд, ноз нивниот звук се провлекува понекогаш посилен, а понекогаш послаб призвук на македонските етно и византиски традиции, во прилично мрачна атмосфера, за што особено придонесуваат длабоките вокали засновани на црковнословенското пеење.
Групата е особено значајна по нивниот истоимен прв албум од 1988 година, од кој е оригиналната верзија на песната „Униније“, која во овој случај бендот ја обнови и сними како нова верзија.
Тоа е еден вид потсетување на овој одличен албум, кој воедно беше и првиот албум на македонски јазик широко прифатен во регионот. Албумот имаше голем успех и според многумина е меѓу десетте најдобри албуми во поранешна Југославија.
Неофицијално – првите два албума на “Мизар“ годинава ќе ги добијат своите винилни реизданија.
Во својата долга историја, долга четири децении, „Мизар“ имал пет откровенија (revalations), сите со различни пејачи.
Од своето основање до денес, Горазд Чаповски (гитарист и автор) е единствениот постојан член на „Мизар“. Така се создадени албумите: 1988 година – „Мизар“, 1991 година – „Свјат Dreams“, 2004 година – „Кобна убавина“, 2007 година – „Поглед кон цветната градина“, 2010 година – „Детето и белото море“.
Изминативе години „Мизар“ работеше на материјалот најавен како „Шарена крава“, но до неговото објавување до сега не е дојдено.
Art Cover: Никола Пијанманов
Digital design: Владе Спасев