Новинарството, медиумите, се чуден занес, но и опасна ѕверка. Се разбира дека новинарство без медиуми не постои, тоа е едно тело со две глави, во кое срцето почнува силно да чука уште првиот пат кога името на „новинарот“ ќе се најде во етерот. Од анонимус , no name, – тоа име се наоѓа пред огромна публика, па макар и под една штура почетничка вест за цената на кромидот. Тогаш суетата добива крилја и ги дига неопитните на височни од кои почнува да им се врти во главата. Малкумина останале приземни и свесни дека умот е на другата страна од медиумот.
Затоа, големите медиумски „цивилизации“, кои до ден-денес ги диктираат занаетчиските правила на изразување, на структурата на веста, на жанровите, на известувањето, на директното вклучување, на насловите и поднасловите, уште одамна ја имаат инсталирано практиката - во првите месеци воопшто ништо да не ставаат под текстот на полетарецот, потоа почнуваат под текстот да ги ставаат само иницијалите, па потоа, ако младиот новинар успее да ги искачи скалилата, продолжува да работи во редакцијата со полно име и презиме, ако не - си бара друга работа, според другите афинитети, затоа што секој човек има повеќе дарби, не мора сите што ќе се допрат до медиумот да останат во него. Така се селектираат кадрите на високотиражните весници, на емисиите со огромна гледаност, во сите медиумски жанрови. Ако ја прочитате автобиографијата на Вуди Ален, сета илузија дека водителите се духовити и дека се’ им текнува така лесно и брзо, дека секој може да биде водител-шоумен, ќе пукне пред вас како балон. Значи, на медиумите и во медиумите се работи сериозно, затоа што ги формираат ставовите, јавното мислење, јавното однесување, а јавното мислење е најголемиот суд. Медиумите можат да те воздигнат, а можат и да те треснат од земја и тоа многу често „за ништо“ со несоодветен третман или со несоодветни зборови ниту за моментот, ниту за личноста на која се однесува напишаното или кажаното. Особено ова е изразено во македонските медиуми, чест на исклучоците, во кои недоквакани пилиштарци се нафрлаат на личности од јавниот живот за кои воопшто не знаат ништо, ниту за нивната функција, ниту за нивната улога, за нивната важност, за нивната личност, поистоветувајќи се со медиумот и со неговата сила.
Таков беше случајот со известувањето на ТВ Сител за завршувањето на мадндатот на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во кое едно no name гласче, кое нема никакво покритие да употребува пежоративни зборови, ниту матафорични стилски фигури, се изрази со зборовите:
„Кацарска си ги пакува куферите оти во недела и завршува функцијата претседателка на Уставен, па се сели кај нејзините колеги уставни судии. Со години трпела закани, ама сега се решила да ги пријави оти зачестиле... Кацарска оцени дека судот работел домаќинско. Се пофали дека нејзината службена платежна картичка остана неискористена. Штедела и на службени патувања.“
Дали е ова писмено, вкусно, новинарски, стилски, морално и коректно, или е уличарски под секое медиумско ниво?
Зборовите „си ги пакува куферите“ асоцираат на човек избркан од работа, деградиран, што не ги завршил квалитетно задачите што ги бара професијата, што згрешил нешто, како што беше случајот со личности од правосудниот систем што ја изгубија, не само домашната, туку и меѓународната довераба, но Кацарска не се соочи со сличен проблем, ниедна потврдена кривична пријава не сме слушнале дека е или поднесена или процесуирана. Зошто, и кој дозволи таков потценувачки однос кон носител на една од највосоките функции во државава?
Не треба да се биде конформист и формалист и една личност да се дига во небесата поради нејзината функција или политичко влијание, но секогаш мора да се има коректен однос спрема личноста, особено ако нема причина за напад врз неа.
Да земеме, да ги споредиме no name гласчето и Кацарска по кој и да е „параметар“ - нивното образование, нивниот професионален багаж, да утврдиме кој треба да си ги спакува куферите и да си отиде од професијата! Кацарска останува уставен судија, што е ислучително високо и одважно место, што не може да го достигне секоја будалетинка.
Тоа no name гласче, нека си замисли - како е за него да речат дека си ги пакува куферите од Сител.
Но, Кацарска, како што изјави на својата последна прес конференција како претседател на Уставниот суд, издржала многу непријатности и поголеми од прилогот на no name гласчето, па веројатно ќе го издржи и овој непоминат на редактура извештај за што никој не одговара и никому не му е гајле за некоја Кацарска.
Овој текст не е за одбрана на Кацарска, затоа што не сме нејзини адвокати, ниту некогаш лично сме се запознале, немаме никаков интерес тоа да го правиме. Овој текст е за одбрана на медиумската писмност, за добриот новинарски стил и против авантуризмот во изразот со остри зборови кои достоинството на човека можат да го пресечат како остар меч, без причина. Да, има новинари на кои не можете да им замерите за остриот речник, тоа се луѓе од кои навистина се тресе некој на високите позиции. Но, да се даде остро оружје во рацете на дете, тоа е рамно на ризик по здравјето на детето и на медиумот. Уште поголема трагедија е тоа што општонародната убедливост е многу лесна, па флеката врз угледот на личноста останува долго, а можеби и никогаш нема да може да биде избиршана.