Google лансираше четбот за вештачка интелигенција (AI) именуван како Bard кој би требало да биде конкурент на ChatGPT.

Како што информираат од компанијата, Bard ќе користи група тестери пред да биде објавен во јавноста во наредните недели, пренесува ББС.

 

Бард е изграден на постоечкиот голем јазичен модел на Google Lamda, којшто минатата година еден инженер го нарече „разумен“.

Технолошкиот гигант исто така најави и нови алатки за вештачка интелигенција за својот сегашен прелистувач.

Чет-ботовите со вештачка интелигенција се дизајнирани да одговараат на прашања и да најдат информации. ChatGPT е најпознатиот пример. Тие го користат она што е на интернет како огромна база на податоци, иако постои загриженост дека тоа може да вклучува навредливи материјали и дезинформации.

„Бард се стреми да ги комбинира широчината на знаењето во светот со моќта, интелигенцијата и креативноста на нашите одлични јазични модели“, напиша шефот на Google, Сундар Пичаи во блог пост.

„Храбар и одговорен“ четбот

Пичаи нагласи дека сака услугите за вештачка интелигенција на Google да бидат „храбри и одговорни“, но не прецизираше како Бард ќе биде спречен да споделува штетна или навредлива содржина.

Платформата првично ќе работи на „лесна“ верзија на Lambda, која бара помалку енергија за повеќе луѓе да можат да ја користат одеднаш, вели тој.

Најавата на Google следеше по широко распространетите шпекулации дека Мајкрософт наскоро ќе додаде AI chatbot ChatGPT на својот пребарувач Bing, по вложувањето на повеќе милијарди долари во фирмата која стои зад него, OpenAI.

Кога не знаеме што да правиме...

ChatGPT може да одговара на прашања и да исполнува барања во текстуална форма, врз основа на информации од интернет, како што беше во 2021 година. Може да генерира говори, песни, маркетиншки копии, написи за вести и студентски есеи.

Но, крајната цел на четботите лежи во пребарување на интернет, веруваат стручњаците, односно да ја заменат страницата со веб-врски со еден дефинитивен одговор.

Сундар Пичаи смета дека луѓето користат пребарување на Google за да поставуваат повеќе нијансирани прашања од порано.

Додека, на пример, вообичаено прашање за клавирот во минатото можеби било колку дирки има, сега тоа прашање е поверојатно дали е потешко да се научи од гитарата - што нема моментален фактички одговор.

„Вештачката интелигенција може да биде од помош во овие моменти, синтетизирајќи сознанија за прашања кои немаат еден точен одговор“, напиша Пичаи.

Уште еден гигант најави свој четбот

Во трката се приклучува и Кина. Акциите на пребарувачот Baidu се зголемија за повеќе од 13 проценти во Хонг Конг, откако компанијата соопшти дека ќе лансира сопствен чет-бот за вештачка интелигенција.

Компанијата во соопштението објави дека нејзиниот проект за четбот за вештачка интелигенција најверојатно ќе го заврши внатрешното тестирање во март пред да биде објавен во јавноста и ќе се вика „Ernie bot “.

 „Возбудата“ околу четботите продолжува, па уште една голема компанија се приклучува на „трката за вооружување со вештачка интелигенција“ која се чини дека е на врвот оваа недела.

Кинескиот гигант за е-трговија Alibaba потврди за CNBC дека работи на конкурент на ChatGPT, но не даде временска рамка за тоа кога би можел да го лансира.

Како што рекоа, тие работат на генеративна вештачка интелигенција од 2017 година.

Алибаба, еден од најголемите кинески играчи за компјутери во облак и најголемата компанија за е-трговија во земјата, навести дека четботот може да се интегрира во нејзините производи.

„Како технолошки лидер, ќе продолжиме да инвестираме во претворање на најсовремените иновации во апликации со додадена вредност за нашите клиенти, како и за нивните крајни корисници по пат на услуги во облак“, изјави портпаролот на Alibaba за CNBC.

Не би било изненадување доколку некој друг технолошки гигант деновиве го „пушти“ својот четбот, следејќи го овој тренд.