Владата го усвои предлогот на Министерството за енергетика за одобрување нов тарифник со повисоки цени по кои од 1 јануари 2025 година концесионерите ќе плаќаат за користењето на националните богатства.

Во Тарифникот се утврдува висината на надоместоците за издавање на дозволи за концесии за детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, а во зависност од видот, количината, квалитетот и начинот на преработка на минералната суровина. Со измените во Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, надоместоците се зголемуваат до 100 проценти, што во основа е значајно зголемување на приходите за државата. 

Предлогот на министерството за зголемување на надоместоците е усвоен од Владата и објавен во Службен весник, со што новиот Тарифник почнува да се применува на 1 јануари. 

Измените вклучуваат:

  • За користење на просторот за експлоатација: Надоместокот се зголемува за околу 30 проценти.
  • За експлоатација на мермер: Надоместокот ќе изнесува пет отсто од приходот од продадената минерална суровина, наместо досегашниот процент од фиктивна цена.
  • Металични минерални суровини: Зголемување од досегашните два на четири проценти.
  • Неметалични минерални суровини: Зголемување во просек над 100 проценти.

Измените не ги засегаат надоместоците за енергетски минерални суровини, како јаглен, со цел да се спречи дополнителен раст на цената на електричната енергија.

Со оваа мерка, годишниот приход од концесиските надоместоци, кој моментално изнесува околу 10 милиони евра, значително ќе се зголеми. Овие средства ќе бидат насочени кон подобрување на јавните услуги и поддршка на економскиот развој.

„Со новите измени обезбедуваме фер наплата за користење на нашите национални богатства, штитиме одржлив развој и гарантираме придобивки за сите – и за државата, и за приватниот сектор“, изјави министерката Сања Божиновска.

Предлогот од Министерството се заснова на деталната анализа на регионалните и светските практики, како и препораките од Државниот завод за ревизија. Извештајот од април 2024 година потенцира дека концесиските надоместоци во Македонија се најниски во регионот, што ја поттикна потребата за измени.

Министерството продолжува со залагањата за фер управување со природните ресурси и зајакнување на економските придобивки од нивната експлоатација, соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.