По бројни одлагања и препреки, долго очекуваниот Систем за влез и излез од Европската унија (EES) наскоро би можел да биде воведен на границите, пишува Еuronews.
Системот ЕТИАС (ETIAS) за граѓани кои не се од ЕУ значи дека без регистрација во апликацијата нема да може да патуваат во ЕУ, а дозволата за патување добиена со регистрација ќе чини седум евра, што нема да ja бараат само оние помлади од 18 и над 70 години. Tие не мора да ја платат споменатата сума туку ќе треба да се регистрираат во системот. За одговор треба да почекате најмалку два дена.
Се започна на предлог на Европската комисија (ЕК) за постепено започнување на EES, нов дигитален граничен систем за граѓани кои не се од ЕУ. Европската комисија треба да утврди датум за почеток на примената, а државите членки ќе имаат шест месеци за имплементација на системот.
Според официјалната страница на EES системот би требало да започне со работа во 2025 година, иако точниот датум не е наведен. Тоа значи дека, речиси девет години по предлогот на EES, тој конечно може да заживее.
Што е EES?
Системот за влез/излез (EES) претставува автоматизиран систем за регистрација на патници од Обединетото Кралство и други земји надвор од ЕУ кои не бараат виза за влез во ЕУ.
Патниците ќе мора да ги скенираат своите пасоши или други патни документи на терминали секој пат кога ќе ја преминуваат надворешната граница на ЕУ. Системот нема да се применува на државјани или резиденти на ЕУ, ниту на оние со долгорочни визи.
Системот ќе ги бележи имињата на патниците, биометриските податоци, како и датумот и местото на влез и излез. Скенирањата на лицето и отпечатоците од прстите ќе се земаат на секои три години и ќе важат за повеќе патувања во тој период.
Зошто се воведува EES и во кои земји ќе се применува?
EES ќе се применува за државјани кои не се од ЕУ, вклучувајќи ги и граѓаните на Обединетото Кралство, кои влегуваат во Шенгенскиот простор за посети, одмори или бизнис активности и остануваат до 90 дена во период од 180 дена.
Системот се воведува со цел да се зајакне безбедноста на границите и да се идентификуваат патниците кои го прекршуваат дозволеното време на престој во Шенгенскиот простор (90 дена во период од 180 дена), информираат од канцеларијата на ЕУ.
Системот ќе се применува при влез во сите земји членки на ЕУ, освен Кипар и Ирска, како и во четири земји надвор од ЕУ кои се дел од Шенгенскиот простор: Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
Како ќе изгледа влезот во Шенгенскиот простор во иднина?
Иако официјалниот датум за започнување уште не е најавен, никогаш не било сомнително дека EES на крајот ќе биде воведен. Постепениот пристап овозможува повеќе флексибилност за унапредување на технологијата и решавање на неочекувани проблеми.
Целта, според Европската комисија, е новиот систем да функционира на 10 отсто од граничните премини во секоја земја членка на првиот ден. За време на овој почетен период, патничките пасоши ќе продолжат да се печатат, но со електронска регистрација. По шест месеци, ЕК очекува EES да биде целосно оперативен.
Шест месеци по започнувањето на EES, патниците ќе мора да се пријават и за Европскиот систем за информации и одобрение за патување (ETIAS), програма за граѓани на возраст од 16 до 70 години. ETIAS ќе чини седум евра и ќе важи три години.
Исто така, се развива апликација која треба да го поедностави влезот и излезот од ЕУ, но не е јасно како ќе може да ги собира потребните биометриски податоци, како што се отпечатоците од прстите.
Идејата за воведување на новиот дигитален систем на границите за влез и за излез во ЕУ датира од пред 9 години и претрпе неколку одложувања поради неподготвеност на земјите да го воведат.