Уште во 2010 година, единаесет домашни компании ја започнаа успешната приказна наречена Пакомак, создавајќи ја како непрофитна организација со јасна мисија – да воспостави систем за селективно собирање и управување со амбалажниот отпад во земјата.
Од првите чекори до денес, Пакомак израсна во двигател на зелената транзиција во Македонија, поттикнувајќи развој на инфраструктурата за рециклирање и создавајќи култура на еколошка одговорност меѓу граѓаните.
Во изминатите петнаесет години, организацијата не само што практично ја подобри достапноста на контејнери, канти и кутии за селекција, туку и преку постојани едукативни кампањи ја промени перцепцијата за тоа што значи „отпад“. Денес, обележјата на Пакомак – обоени контејнери и јасно обележани зони за селекција – се присутни во голем број училишта, јавни простори, градинки и општини низ целата земја.
Покомпонирано со својата мрежа, системот на Пакомак успева да собере стаклена амбалажа во над 50% од угостителскиот сектор (ХОРЕКА), додека сè повеќе граѓани стануваат дел од приказната за поодржлива иднина преку совесно селектирање на отпадот.

„Кога ја основавме Пакомак си поставивме големи и амбициозни цели, со цел да воспоставиме здрава врска со заедницата и да помогнеме во борбата за намалување на отпадот, неговото правилно спроведување, но и во едукацијата на нашите граѓани за тоа зошто е важно да се селектира и правилно да се одложува отпадот. Во секоја година од нашето постоење успеавме не само да ги оствариме, туку и да ги надминеме поставените цели, што ни дава огромно чувство на задоволство и надеж дека напорната работа ќе создаде подобри услови за идните генерации. Овие 15 години учевме, стекнувавме знаења и ја градевме нашата експертиза за да бидеме подобри, поуспешни, поефикасни… Денес сме посебно горди што со нашиот систем на партнери собираме над 40% од стаклената амбалажа во земјава и над 15 мил. парчиња лименки и шишиња преку нашите 84 ПВМ. Денес имаме над 790 компании-членки на нашиот систем кон кои имаме одговорност за совесно управување со нивниот амбалажен отпад, а соработуваме и со 68 општини и 30тина приватни компании во делот за собирање на отпадот. Не застануваме тука. Нашата цел е наредните години да бидат уште поуспешни. Затоа, ќе работиме уште понапорно и попосветено за да им оставиме подобар свет на следните генерации.“, рече по повод 15-годишниот јубилеј, генералниот директор Филип Ивановски. .
Со континуирана активност и посветеност, Пакомак денес претставува клучен партнер меѓу општините, институциите и граѓаните. Организацијата стана пример за тоа како со визија и тимска работа може да се постигне реална промена во заштитата на животната средина. Посветеноста на Пакомак кон почист и поздрав живот останува темел на нивната приказна и во годините што доаѓаат.