Програмата ”Од идеја до реален бизнис” има за цел да поддржи млади претприемачи и да им помогне во процесот на развој на нивните идеи со цел целосна трансформација во реален бизнис. Програмата се спроведува од страна на „Сеавус Акцелератор“, „Сеавус Едукативен центар“ и „Национален младински совет на Македонија“.  

Шест стартапи низ четири месечна напорна работа успеаа да ги донесат своите идеи на следното ниво. Се работи за стартапите „Адвокати.мк“, „Simlty“, „Handy“, „Innopazio“, „OhSwapp“ и „Techno Agency“. Според организаторите, постоел многу ентузијазам за донесување на идејата до реален бизнис. Стартапите имаат добра основа за реализирање на целите, а дел од нив веќе  успеаја да изградат и платформи кои ќе ги лансираат.

Како што вели Весна Иваноска, генерален менаџер на „Сивус акцелератор“ и „Сивус развоен центар“, а која ја има улогата на главен ментор на програмата, се вклучиле во програмата неочекувано, бидејќи отстапува од редовната мисија на компанијата. 

„Сивус акцелераторот генерално работи со веќе конституирани и етаблирани стартапи ориентирани кон технологија, па дури и брзорастечки компании. Можам да кажам дека направивме отстапка и тргнавме да го прифатиме предизвикот на Националниот младински совет, за да работиме со тимови кои се во порана фаза и не се сигурни дали сакаат да направат свој бизнис. Ова е многу важен чекор, можеби мал, но, често констатираме дека има многу можности, а фали менталитет за претприемништво. Потребно е да се започне процесот многу порано, а генерално тоа се однесува и за образованието - независно дали е формално и неформално - многу порано да зборуваме за претприемништвото, за прифаќањето на ризиците како важен сегмент на бизнисот. Во наши контакти со ентузијасти сфаќаме дека желба има, можност има, но, фали образование за некакви основни бизнис концепти“, вели Иваноска. 

Програмата е дел од регионален проект „Балкански млади“

Целта на проектот е да придонесе за зголемување на младинските претприемнички можности и да се зајакнат перспективите за вработување на младите. Програмскиот менаџер во „Националниот младински совет“, Филип Кулаков, сподели нови заклучоци кои организацијата ги донела врз база на истражувања. А тоа се дека дури 70 насто од младите кога би имале можност, би започнале сопствен бизнис, но, се соочуваат со поголем број препреки, недостаток на капитал, високи трошоци, комплицирани процедури за започнување бизниси. 

„Активно се залагавме за намалување на основниот влог кај трговските друштва, во 2021 година успешно се воведе трговско друштво во рамките на Законот за трговски друштва односно ДОО, каде секој може да го основа само со влог од 1 евро. Иако оваа измена е се уште нова, треба и нови модели за младиско претприемништво. Треба да размислуваме и за модел за воведување на младинска компанија, финансиска поддршка стрикно за младински бизниси. На младинските претпримачи да им биде олеснето оданочувањето, процедурата за аплицирање за грантови за нивните бизниси да биде поедноставна“, смета Кулаков.  

Со претприемачките идеи на младите и основањето на стартапи, корист ќе има и државата. Бидејќи новите иноватори ќе придонесат за унапредување на нејзинот економски развој.