Сите нови автомобили кои се продаваат во Европската унија за неколку недели, односно од јули оваа година ќе мора да бидат опремени со задолжителен „совозач“- системот за „интелигентна помош за брзина“ (ISA).

Станува збор за автоматско ограничување на брзината, кое постојано ќе ја следи брзината на возачот во однос на поставените ограничувања на брзината, користејќи комбинација на GPS технологија и камери способни за препознавање сообраќајни знаци, потсетува RTL.

При надминување на дозволената брзина, возачот ќе добие звучен сигнал или предупредувачко светло за да го предупреди за прекршокот.

Доколку возачот ги игнорира предупредувањата, системот ISA може да преземе дополнителни мерки со коишто ќе го принуди возилото да забави, од автоматско намалување на моќноста на возилото до зголемување на отпорот на педалата за гас. Меѓутоа, возачот може да го отфрли системот со посилно притискање на педалата за гас или едноставно да го деактивира при поаѓање на автомобилот.

Постојаното следење на системот потенцијално може да го зголеми стресот кај возачите, вели сообраќајниот психолог Жерар Тертолаин за белгискиот 7sur7.

 

„Потребен е само краток момент на невнимание за малку да се надмине дозволената брзина. „Кога постојано се потсетувате на тоа, со звучен сигнал, тоа може да биде неверојатно иритирачко“, смета тој.

Европската унија нагласува дека примарна цел на овој систем е усогласување со планот „Vision Zero“, кој има за цел да ги елиминира смртните случаи на патиштата во Европа до 2050 година.

Проценките покажуваат дека воведувањето на системот ISA може да го намали бројот на загинати на патиштата во ЕУ за 20 проценти.