За идејата за магистерските студии за младинска работа, нивната потреба во општеството, начинот на кој ќе се изведуваат студиите говорат професорите од Филозофскиот факултет и од Сојузот на младинска работа. 

Ратко Дуев - Декан на Филозофскиот факултет  

„Во развиените европски земји, поради падот на наталитетот и миграциите на населението, исклучиво се води грижа за младите луѓе, се формираат младински центри, се создаваат млдински работници налик на функционирањето во поранешниот систем. Во соработка со Сојузот за младинска работа преку академска посета, видовме како функционираат во Естонија и Финска. Според ЕУ, секоја општина и институција треба да има младински работник. Заради нашите можности и капацитети се одлучивме да акредитираме студиска програма за младински работници во постдипломски студии кои ќе имаат компетенции за да ги задоволат потребите на општеството. Ова е прва ваква студиска програма на Балканот и очекуваме следниот септември да започнеме со образуваме на младински работници.

Софија Ѓеоргиевска - професорка на Филозофски факултет 

Младите веќе прашуваат кои се условите за студирање, што значи да се биде младински работник, колкав е бројот на студенти кои ќе можат да се запишат. Тоа говори дека вакво нешто фалело и кај нас. Се сметаше дека младинскиот работник преку неформалното образование треба да стекне искуство и да работи за зајакнување и добросостојба на младите. Сега со формализирање на образовниот систем младите ќе бидат покомпетентни и имаат мотив да помогнат на другите - како паролата млади за млади. Тоа нема да бидат сувопарни предавања, имаме вклучено и практичари. Студентите да можат да ги поминат вежбите на пракса во младинските центри, да видат кои се предизвиците и проблемите со кои се соочуваат, работите кои се очекуваат од нив во иднина. Ние веќе и сме во комуникација со универзитет каде очекуваме дел од професорите таму да бидат предавачи тука, што говори за една интердисциплираност. Ќе можат да се запишат 25 студенти во академска година. Ние веќе имаме група на сертифицирани младински работници така што сметам дека и дел од таа група ќе сака да си го дооформи своето образование со диплома која ќе биде валидна и надвор. Ние направивме процена со Сојузот на младинска работа и младите ни покажаа дека има потреба од нивно ангажирање особено во руралните средини, кампањи каде наместо каде ние како профеори да ги поттикнуваме, да имаме млади кои ќе бидат движечка сила.“

Драган Атанасов - Сојуз за младинска работа 

„Ние на овој проект работиме веќе од 2018 година, кога со поддршка од еден Еразмус проект успеавме да воспоставиме соработка со универзитети од други земји. И тоа убаво се вклопи во целокупниот процес за градење на систем за поддршка на младите надвор од образовниот систем. Тоа е важно во денешно време кога на младите им е тешко да се осомостојат, да се снајдат со вработување, важно е да се изгради систем за поддршка кој ќе биде обзбеден преку квалификувани лица и младински работници во сервиси за млади кои ќе работат според одредени стандарди. Тоа се тие младински центри и клубови преку програми спроведени од младински организации. Овие сега магистерски студии убаво се вклопуваат за да е обезбеди и стручен квалификуван кадар кој досега кај нас не постоеше. Сметаме дека со воведувањето на програмата ќе го зајакнат квалитетот на својата работа и ќе можат подобро да ги поддржуваат младите во советување, менторирање, обуки, семинари, менторирање и сите други процеси и ќе ги поддржуваат младите да се изградат како индивидуи. Ние ќе овозможиме студентите да поминат ден со младите, да организираат активности за веднаш штом ќе завршат студиите да можат да почнат да работат.“