„Од супер идеја до супер маркет“ за производите на 10 стартап компании. Тие ќе ги пласираат своите иновативни производи на полиците низ маркетите „Тинекс“, во рамките на предизвикот „Стартап Херои“.

„Од супер идеја до супер маркет“ за производите на 10 стартап компании

- „Од супер идеја до супер маркет“ е насловен повикот „Стартап Херои“, што го реализираше Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со корпоративниот партнер „Тинекс маркети“. Повикот е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и Фактор траст - финансиско друштво за факторинг.

Го трансформираме македонскиот стартап екосистем


„Од супер идеја до супер маркет“ избраните прозиводи кои за прв пат ќе добијат можност да се продаваат во маркетите се на компаниите: Бејкинг Фектори,  Евал, Матриошка,  Плант Инжинеринг, Про-Фитр ВИС, Кинадо, Хелтиш, Скуп, Пивара Бакрески и Фила Козметик.

„Заедно со нашите партнери реализиравме важен предизвик преку кој за десет домашни стартап компании обезбедивме производство и комерцијално пласирање на нивните иновативни производи. Тоа им дава одлична можност да ја зголемат продажбата и нивната идеја да прерасне во реален профитабилен бизнис. Со ова продолжуваме да покажуваме дека ФИТР е секогаш на страната на иновативните компании кои имаат визија и потенцијал за успех. Верувам дека преку Програмата за корпоративна иновативност на ФИТР, наскоро ќе поттикнеме уште вакви успешни соработки помеѓу стартап компаниите и големите корпорации со што побрзо ќе го трансформираме македонскиот стартап екосистем“ изјави, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Иновативните производи на посебно одбележани полици


Производите ќе се најдат на посебно обележани полици до крајот на годината, на однапред дефинирани продажни локации. Воедно ќе добијат соодветна помош при изготвување на маркетинг кампања за промоција. Дополнително, ќе бидат вклучени и во интегрираната дигитална маркетинг комуникација на ланецот на маркети.

„Тинекс е компанија која постојано несебично ја дава својата поддршка на компаниите кои се во развој и на кои им е потребна мала потпора за добро да се претстават на пазарот и успешно да ја развијат својата визија. Овој пат, посебна чест ни е што сме дел од проектот „Стартап херои" во соработка со ФИТР и ИМЕ каде што имаме можност да видиме многу квалитетни, енергични, силно мотивирани ентузијасти и да им дадеме шанса своите производи да ги пласираат во Тинекс маркетите, а со тоа својата идеја да ја претворат во реалност.

„Од супер идеја до супер маркет“ на полиците во Тинекс нивните производи ќе бидат „рамо до рамо“ со светски познати брендови и ќе се борат за своето место на пазарот. Преку нашите маркетинг и промотивни канали ќе им дадеме можност добро да се претстават пред потрошувачите и да ги освојат нивните „симпатии“.

Со оваа наша соработка се надеваме дека ќе имаме задоволни потрошувачи и задоволни нови соработници.“, посочи Цветанка Христовска, бренд директор на „Тинекс“.

Повикот беше наменет за малите стартап компании кои веќе имаат развиен прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман, да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба во маркетите на Тинекс.

„Стартап херои“ пример и за други иновативни производи


„Стартап херои“ ќе биде поттик за сите други стартапи да го следат овој пример и да развиваат технолошки напредни и иновативни производи за домашниот и интернационалните пазари. ИМЕ ќе продолжи да биде партнер на Фондот за иновации и технолошки развој во организирање на нови предизвици со цел поддршка во градење на конкурентноста на иновативни микро, мали и средни претпријатија и вработување на што повеќе млади луѓе и жени.“, изјави Горан Дамовски раководител на швајцарската програма ИМЕ.

Вкупниот буџет предвиден за предизвикот изнесува седум милиони денари. Од нив ФИТР обезбеди шест, а ИМЕ еден милион денари, со максимален износ по апликација од 600.000 денари.

Јавниот повик беше отворен од 22.04. до 25.05.2021 година. Во финална селекција влегоа 22 компании, кои ги презентираа своите производи пред Комисијата за оценување и избор.

„Од супер идеја до супер маркет“ за финалниот избор за иновативните производи одлучуваше Комисија, која е составена од експерти од областа на предизвикот, од областа на развој на бизнис и маркетинг и продажба и по еден експерт од „Тинекс“, ИМЕ и ФИТР.

 Прозводите на Стартап хероите


„Од супер идеја до супер маркет“ за прв пат ќе добијат можност да се продаваат  иновативни прозиводи на следните компании:

Бејкинг Фектори


Ова е првиот домашен производител на тортиљи кои се прават со модерна механизација. Со автоматскиот процес на производство во заштитена атмосфера тортиљите добиваат дополнителен квалитет и свежина.

Производите ќе бидат достапни во три вкуса: обична, интегрална и спанаќ и чиа тортиља, која е единствена ваква комбинација на домашниот пазар.

Матриошка


Врз основа на детални истражувања и анализи, компанијата воведe иновативен технолошки процес, кој има способност да ја покачи точката на замрзнување на алкохолот од -30°на 0°. Овој процес овозможува виното да се задржи во основната смеса на сладолед во вид на гелна молекула, и да се замрзне на 0°, резултирајки во сладолед од вино. Во рамките на проектот, предвидена е комерцијализација и пласирање на сладоледот на домашниот пазар.

ЕВАЛ


-Тартуфите се исклучително ретки, растат на специфичен начин и на одредени места до кои е исклучително тешко да се пристапи. Познати се по своето лековито дејство и изобилство со минерали како: калиум, натриум и фосфор, коишто го штитат целокупниот кардиоваскуларен систем. Проектот предвидува производство и продажба на свежи тартуфи, како и најразлични производи во комбинација со македонски тартуф од домашно поднебје.

Плант инжинеринг


-Целта на проектот е преку имплементација на иновативна и напредна технологија да се добијат растителни инвитро култури (микрорастенија) кои можат да се користат како здрава конвенционална и органска храна.

Компанијата произведува микрорастенија од ротквица, брокула, рукола, зелка, морков, синап, амарант, босилек, коријандер, сончоглед, грашок, пченка, пченица и др. Со реализација на проектот, ќе бидат пласирани произведените микрорастенија како свежи микросалати или свежа микрохрана.

Про-фит вис


- Со овој проект, компанијата ќе започне со производство и продажба на протеински крекери со намалени јаглехидрати, како готов производ во пакување од 100 грама. Производот е наменет за здрава исхрана, високопротеински, но со намалени јаглехидрати. Дополнителна вредност на крекерите е тоа што во процесот на производство, истите не се пржат туку се се печат.

КИНАДО


Проектот предвидува лансирање на нов, иновативен безалкохолен енергетски пијалок на база на чиа семе, со нутритивни вредности и висока концентрација на есенцијални масла, минерали и витамини. Се базира првенствено на природни состојки од домашно производство без додаток на адитиви, конзерванси, вештачки бои и шеќери. Преку проектот ќе се едуцира и поттикне населението да се насочи кон здравиот начин на исхрана и живеење, како и подигнување на колективниот имунитет.

ХЕЛТИШ


Во рамките на проектот, ќе се произведат путери од јаткасти плодови со четири различни вкусови. Производство и продажба на здрава храна без употреба на додадени шеќери и вештачки бои. Дополнително, ќе се воведе и унапредување на производствениот процес и стандардизација на производите.

СКУП


Фокусот на овој проект ќе биде развивање и лансирање на линијата на „Артисан Гелато“ за домашна потрошувачка. Тој досега беше наменет само за ХОРЕКА индустријата.

Идејата е проширување на палетата на производи со три нови пакувања премиум сладолед. Тие кои за разлика од достапната понуда на пазарот, ќе бидат спакувани во нов вид на пакување (EPS – Expanded Polystyrene). Имено новата линија ќе биде составена од пакување во 500 грамски polystyrene кутии, семејно – 2X500 gr пакување со различни вкусови и пакување со 12 вкусови.

Пивара Бакревски


Целта на проектот е воведување во производство на првото македонско „Безалкохолно крафт пиво“, направено од 100 проценти природни состојки.

Производот содржи исклучиво: вода, житарки, хмељ, и квасец, додека количеството на алкохол е помалку од 0.5 отсто. Во процесот на производство не се додаваат засилувачи на вкус, алкохол, боја или екстракти.

ФИЛА козметик


-Преку проектот, компанијата ќе пласира висококвалитетни домашни козметички производи, направени по рецептура од комплетно природни состојки. Станува збор за три специфични производи: маст за пеленски осип, крема за раце со ксилитол и хидратантна крема за лице. Главните придобивки ќе бидат тоа што производите кои во моментов ги користат здравствените работници, ќе бидат адаптирани за користење и во домашни услови.

М.Б