Со настап на Ансамблот „Танец“ и изложба посветена на Кензо Танге, Македонија се претстави на „ЕКСПО 2025“ во Осака, Јапонија, соопшти Министерството за култура.

Благодарност до Владата на Јапонија, градот Осака, граѓаните на Јапонија и организаторите на ЕКСПО за исклучителното гостопримство и за создавањето на оваа платформа за заедничко осмислување на иднината, под мотото: „Креирање на општеството на иднината за нашите животи, изрази Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

 

Македонија препознаена како „бисер на Балканот“

Тој истакнал дека македонскиот павилјон го симболизира богатството на нашата земја — држава со длабока историја и култура, соисклучително археолошко и културно наследство, сместена во срцето на Балканот. Држава која е препознаена како„бисер на Балканот“, благодарение на својата природна убавина, традиција и богатата културна ризница. Вредности кои ја прават државата привлечна туристичка дестинација и вистински бисер на Балканот.

Исто така министерот за надворешни работи се осврнал и на можностите за инвестирање, развојот на билатералните односи со Јапонија, континуираната поддршка што нашата земја ја добива од јапонските партнери, како и на потенцијалот за натамошно зајакнување на политичката и економската соработка меѓу двете земји.

Од  Министерството за култура и туризам пак соопштија дека со динамичниот настап и автентична изведба на македонските народни ора и песни, „Танец“ оставил силен впечаток кај многубројната публика и уште еднаш ја потврдил улогата на културата како мост за поврзување меѓу народите.

На настапот на „Танец“ му претходел свечен прием на кој министерот за култура и туризам Зоран Љутков, пред многубројните гости и меѓународни претставници, ја нагласил важноста на учеството на Македонија на настан од ваков ранг.

-ЕКСПО е место каде што светот се среќава – преку иновации, култура и визија за иднината. Нашето присуство тука е увертира за сето она што ќе го претставиме во наредниот период. Македонија денеска настапува со срце отворено кон светот – горда на своето наследство и насочена кон иднината, истакнал Љутков.

60 години од на проектот на Кензо Танге за ново Скопје

Особено внимание кај македонскиот павилјон, како што се наведува во соопштението, привлекла изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге, визионерот што го проектираше Скопје по разорниот земјотрес во 1963 година.

-Со оглед на тоа што оваа, 2025 година одбележуваме 60 години од изработката на проектот на Кензо Танге за ново Скопје, изложбената поставка прикажува избор на авторски цртежи, проектна документација, историски фотографии, како и тродимензионален архитектонски модел, кој на апстрактен начин  ја доловува неговата замисла, посочил Љутков.

Изложбата ја посетил и Пол Танге, син на големиот архитект, со што уште еднаш беше потврдена трајната врска меѓу Скопје и архитектонското наследство на неговиот татко.

-На приемот гостите имаа можност да дегустираат македонски специјалитети и вина, но и да се информираат за културните и туристичките потенцијали, како и за инвестициските можности што ги нуди нашата земја, се наведува во соопштението.

Инаку, во рамките на културната програма, предвидено е на Денот на независноста на Македонија, 8 Септември, да се одржи серија значајни културни претставувања, вклучително и настапи на Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски и Владимир Четкар, чии уметнички изрази го носат македонскиот дух на современа сцена.

Учеството на Македонија на „ЕКСПО 2025“ е дел од пошироката стратегија за меѓународна промоција и афирмација на земјава како современа, културно богата дестинација, отворена за нови партнерства и инвестиции.

Шест месеци „Експо 2025“

Инаку изложбата Експо 2025 трае шест месеци од 12 април до 13 октомври. Учествуваат повеќе од 160 земји , региони и меѓународни организации, кои ќе ги презентираат своите идеи во своите павилјони на централната тема „Дизајнирање на идното општество за нашите животи“.

Изложбата „Експо 2025“, што се наоѓа на вештачкиот остров Јумешима, е опкружена со Голем прстен, дрвена конструкција долга два километри и висока до 20 метри, за која организаторите велат дека е најголема во светот, пренесува ДПА.

Импозантната структура е наменета да го симболизира сеопфатниот концепт на Експо - различност и единство.