Во годината кога култниот албум на Идоли – „Одбрана и последњи дани“ го слават јубилејот – 40 години од објавувањето, не можам, а да не се сетам, како пред 10 години, на тридеценискиот јубилеј на оваа волшебна плоча, заедно со Влада Дивљан се обидувавме да ги дешифрираме моментите кои не и се толку познати на јавноста. 

Разговорот, кој го водевме телефонски, го започнавме во Виена, каде живееше со семејството, а го завршивме во Белград, кога дојде да ја посети својата болна мајка. 

Во годината кога „Одбрана“ со право има причина да биде горда, знам дека Влада Дивљан беше единствениот џентлмен меѓу рокерите на овие простори. Затоа, фактот дека повеќе го нема, уште повеќе боли... 

Луксузното реиздание на винил, под закрилата на Croatia Records, деновиве замина на печатење, а заради глобалната насташица на гранулат за винили, се очекува да се појави на пазарот за неколку месеци. Освен винил, песните од албумот за прв пат ќе бидат објавени на стриминг сервиси во Hi-res, односно со висококвалитетен звук (96 kHz / 24 bit). 

CroRec Digital веќе продуцира и лирикс-видеа за сите песни од албумот „Одбрана и последњи дани“, а досега се објавени: "Odbrana", "Moja si", "Kenozoik", "Poslednji dani", "Jedina (Uzurlikzurli)", "Nemo", "Rusija", "Nebeska tema", "Senke su drugačije" и "Igrale se delije". 

 Кога, таа 2012-та го прашав Влада во што е тајната на успехот на „Одбрана...“, која се смета за најдобар југословенски албум на сите времиња, ми кажа дека не е исклучено дека преломен момент албумот да звучи, како веќе звучи беше кога, еден момент, снимањето влезе во период на пауза, а тој ги зема дома лентите, да ги преслушува по сто пати, размислувајќи каква да биде продукцијата. Тогаш му текна дека басот во „Русија“ може да оди наназад, дека во таа култна балада може комотно да биде ставен семпл на трамвајот „Двојка“, тогаш заедно со Горанка Матиќ го посетија „Народниот музеј“ во Белград, и решија на обвивката да биде фрагмент од одеждата на Свети Никола, од една фреска...

Среќа, тогаш „Југотон“ немаше никаква забелешка зошто на насловната се пишува на ќирилица, бидејќи им се виде како совршена провокација. Секако, такво нешто тогаш не можело да помине во Белград... 

Влада Дивљан, кој беше прекрасен и мудар човек, не можеше да ми ја потврди тезата, која во серијалот „Стоковна куќа“ ја лансираа Срѓан Шапер и Небојша Крстиќ, дека фолк-пејачката Ханка Палдум, која после нив влегуваше во студио, кога слушна дел од материјалот кажа дека „...Тоа е полошо и од џез!“ 

- Се сеќавам Ханка доаѓаше навечер од десет во студиото VI на Радио Белград. Доаѓаше со својот сопруг и со Милиќ Вукашиновиќ, кој беше нејзин продуцент. Јас главно бев внатре во студиото, работејќи со тон-мајсторот, и не можев да слушнам што збореа со Шапер и Крстиќ, кои одеа наоколу – ми кажа тогаш Влада. 

Во што е тајната на, според многумина, најдобриот екс-ју рок албум на сите времиња, „Одбрана и последњи дани“, на еден од најдобрите њувејв бендови, ВИС Идоли, кој оваа година слави јубилеј - 40 години од официјалното објавување. Можеби во спојот на неспоивото – рокенролот и православието. Во темите кои се обидоа да го демистификуваат системот во кој „Маршал је мој Бог“, во љубовта кон „Русија“ и словенството, кое што денес, како никогаш порано, повторно е ставено на тест?!

Дефинитивно – иако поминаа четири децении откако музиката многу се промени, популарната „Одбрана“ беше актуелна сето ова време, како во смисла на инспирација на другите, така и во однос на авторската уникатност и свежина, што ја има и денес. Луксузното реиздание на винил оваа година, покрај интервјуата со членовите на Идоли, Срѓан Шапер, Зденко Колар и Небојша Крстиќ, го има и последното големо интервју со Владо Дивљан пред тој да си замине во вечноста, како и одлични текстови на музичките критичари Драган Амброзиќ, Александар Жилиќ и Петар Јањатовиќ. 

Носи и ретки фотографии од Горанка Матиќ и Горан Вејвода, меморабилија од архивата на Croatia Records, т.е. содржи снимки од оригинални ленти, ремастерирани од Мауро Широл во Croatia Records Studio. Уметничкиот дизајн на реиздавањето го направи Дарко Кујунџиќ.

***

Талентот е неопходен за да научиш да свириш и да пееш. За почеток ти треба малку слух,некогаш малку повеќе. Но, има уште еден момент - упорност и желба, способност да мотивираш човек. Но треба многу да сакаш, бидејќи таму е таа помалку романтична страна на работата, но можете да правите сè кога сакате и сакате да кажете нешто. На крајот на краиштата, немате избор кога таа музика ќе ве допре како вирус еден ден. Тешко е да се ослободите од неа. - Влада Дивљан 

За нас беше предизвик да направиме нешто што ќе биде поинаку. Мислам дека немавме знаење, но сакавме да ни биде непредвидливо, односно да се изненадиме самите. Мислам дека уметноста, или музиката , или песната, треба да остане мистериозна за авторите, за да биде интересна - Срѓан Шапер Не бевме храбри - млади бевме. Не тактизиравме. Не шпекулиравме. Ја баравме вистината. По нашата лична вистина, но и социјалната, ако воопшто таква вистина постои. И пеевме за нештата кои им беа непознати на другите. Или неважни. Или на кого - Небојша Крстиќ 

Од парите од Мини ЛП-то на мајка ми и купив тепих за во дневната соба, и и кажав дека ќе и купам тепих и за спалната, кога ќе излезе „Одбрана“. Но тиражите тогаш не беа големи, па и купив нешто друго. Но, парите не ми беа толку важни, како можноста да патувам, запознавам луѓе и нови места. Беше прекрасно. И сè уште е - Зденко Колар 

Иван Беќковиќ фото: Горанка Матиќ