Системот за водоснабдување во Македонија во просек губи над 60 отсто од водата главно поради старата инфраструктура, нелегалните приклучоци и недостатокот на база на податоци за мрежата и приклучоците. 

Овие алармантни бројки за загубите на води траат со години и состојбата не се подобрува. Во рамки на Европската унија, секторот за води важи за наранлив на климатските промени. Изминатата 2023 година го доби епитетот за најтопла во историјата на човештвото. 

 

Јавните претпријатијата за стопанисување со водите во земјава се соочуваат со големи загуби со процент на загубени води во 2023 година којшто се движи меѓу 7 и 87 проценти во зависност од давателот на водната услуга. 

Државата е поделена на 8 водостопански региони во кои водата доаѓа од 35 реки и 53 природни и вештачки езера.

Најголемите загуби на вода се нотирани во Југозападниот регион каде имало скоро 73 отсто, слично како во Полошкиот регион каде имало над 70 отсто загуби на вода.

Во Источниот регион имало загуби од скоро 65 отсто, во Пелагонискиот и во Скопскиот над 60 отсто, а во Североисточниот 58 насто.

Помалку загуби на вода имало во Југоисточниот над 50 отсто и во Вардарскиот 53 насто.

Загубите се зголемувале, додека количината на вода која влегла во системите била зголемена за скоро над 14 отсто споредено со минатата година, а истовремено процентот на наплатена вода бил намален за 15 отсто.

 

Според извештајот на РКЕ, во земјава има 78 претпријатија кои даваат водни услуги, од кои 8 снабдуваат сурова вода за населението, 67 вршат снабдување со вода за пиење, 56 вршат собирање и одведување на урбани отпадни води и 20 вршат прочистување на отпадни води.

Водата е од суштинско значење во услови на климатската криза, особено водата за пиење, но и водите кои се користат за санитарни и индустриски процеси, како и за земјоделството.

Климатските промени предизвикуваат суши, а со тоа и недостиг на вода, додека екстремните временски настани го нарушуваат снабдувањето со вода и ги загадуваат изворите. Сето ова влијае на безбедноста на храната, здравјето на екосистемите и благосостојбата на луѓето.

Проценките за Балканскиот Полуостров, вели Николовска, се дека во наредните години земјите ќе се соочат со температури и до 50-от степен и со продолжени топлотни бранови.

 

Иако во последните години имало проекти за инвестирање за подобрување и развој на водоводната мрежа, сепак, мал процент се реализирани. 

Освен големите загуби, меѓу заклучоците во извештајот на Регулаторната комисија за енергетика се наведува и дека ниту еден регион во земјата нема 100 проценти покриеност со водоснабдување.

Полошкиот регион има нешто над 60 отсто покриеност со водни услуги, а под 70 отсто е и Скопскиот регион. Најголема покриеност од околу 90 отсто имаат Вардарскиот, Источниот и Североисточниот регион.