Речиси половина од сите новорегистрирани лични возила во Европската унија од јануари до ноември годинава се електрични и хибридни, а во ноември мнозинството, покажаа податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA). 

Целосно електричните модели, plug-in хибридите или целосните хибриди – учествуваа со околу 48 отсто од сите регистрации на нови патнички автомобили во ЕУ за 11 месеци, во споредба со 43 отсто во истиот период минатата година.

Во ноември, 16-ти месец по ред раст, регистрациите на овие возила се зголемени за 6,7 отсто, а на годишно ниво за 13,3 отсто. Регистрациите на автомобилите на бензин се зголемиле за 4,2 отсто, додека на дизел возилата паднале за 10,3 отсто, покажуваат податоците на ACEA.

Истовремено, регистрациите на целосно електрични автомобили се зголемени на годишно ниво за 16,4 отсто, на 144.378 возила, иако на најголемиот европски пазар за електрични возила, Германија, тие се намалени за 22,5 отсто на 44.942 возила.

Потрошувачите продолжија да претпочитаат хибридно-електрични возила, со пораст од 28,7 отсто во однос на претходната година, додека побарувачката за plug-in хибриди падна за 22,1 отсто.

Регистрациите на хибридно-електрични автомобили во речиси целата година досега на германскиот, францускиот и италијанскиот пазар надминаа 1,5 милиони возила, наспроти речиси 2,5 милиони од сите возила.

И покрај растот на продажбата на електрични возила, ACEA на почетокот на декември објави дека постои ризик европскиот сектор за електрични возила да заостанува зад другите региони без силна индустриска стратегија на ЕУ, во услови на кинеска доминација во синџирот на снабдување и стимуланси на САД за своите производители на автомобили.

Некои производители на автомобили и аналитичари, исто така, наведуваат граница на побарувачката за електрични возила во последните месеци. Најголемиот европски производител на автомобили Фолксваген во октомври изјави дека побарувачката за електрични возила не се развива како што се очекуваше, а производителот на луксузни возила Мерцедес-Бенц предупреди на „брутален“ пазар за електрични возила поради големите намалувања на цените и неизвесниот синџир на снабдување.

Регистрациите на моделите на Volkswagen и Renault во ноември се зголемени за 11,4 отсто, односно 6,1 отсто, додека во исто време кај Stellantis е намалена за 7,3 отсто, објави ACEA.

Во истиот месец, производителот на електрични автомобили Тесла постигна скок од речиси 45 отсто и учествуваше со речиси 22 отсто од регистрациите на целосно електрични автомобили во ЕУ.

Бројот на новорегистрирани возила во ноември во ЕУ, Британија и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) е зголемен за шест отсто, на 1,08 милиони возила.