ОКТА АД Скопје - чекори кон енергетската трансформација. Групацијата Хеленик Петролеум почна процес на преобразба од нафтена компанија во модерна енергетска компанија, која во своите енергетски активности ќе ги додаде производството на електрична енергија од обновливи извори и снабдувањето и менаџирато на енергија на своите клиенти, вели д-р Ристо Јаневски, Директор на Стратешко планирање и развој во ОКТА АД - Скопје

ОКТА АД СКОПЈЕ –  ЧЕКОРИ КОН ЕНЕРГЕТСКАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА

 


  • ·        Светот се соочува со последиците од климатските промени и сведоци сме дека меѓународната заедница поставува различни обврзувачки мерки за да се спречат последиците. Многу од овие мерки вклучуваат зголемено учество на обновливите извори кои сами по себе ќе предизвикаат промени во секој енергетски сектор. Како се однесува вашата компанија кон овие предизвици?


-      Живееме во време во кое нафтената индустрија мора да развие сеопфатен потенцијален пат за развој на течни горива со низок јаглерод. Нискојаглеродните горива ќе играат многу значајна улога во транзициониот период кон климатски неутралната економија и ќе мораат да коегзистираат со електричната мобилност, особено во сувоземниот сообраќај за да се постигнат строгите цели и критериуми што, пред сѐ, ги постави Европската Унија и меѓународната заедница до 2050 година. За да се достигне климатската неутралност, која, со други зборови, значи да се постигне баланс меѓу емисиите на CO2 во атмосферата и природната апсорпција на тој CO2 од шумите, мочуриштата или пак тој вештачки да се отстрани. Еден од начините за постигнување на  климатската неутралност би бил неутрализирање на емисиите со инвестирање во обновлива енергија, енергетска ефикасност, или друга чиста технологија со низок јаглерод. ОКТА АД – Скопје, како дел од Групацијата Хеленик Петролеум, стремејќи се кон овие цели, почна процес на преобразба од нафтена компанија во модерна енергетска компанија, која во своите енергетски активности ќе ги додаде производството на електрична енергија од обновливи извори и снабдувањето и менаџирањето на енергија на своите клиенти.

Централата беше изведена во сите фази од страна на стручниот кадар на ФЕИТ и техничкиот сектор во ОКТА

 

Приказната со инвестициите во обновливи извори почна со ФЕИТ



  •    Кога се почнати овие активности и како станвате  активни во овој сектор, што  не беше дел од вашата стратегија досега?


-      Приказната со инвестициите во секторот на обновливи извори почна на крајот на август 2018 година, кога ОКТА, во соработка со Факултетот за електротехника и информатички технологии, ја пушти во употреба мини фотоволтаичната централа на покривот на факултетот со капацитет од 10 kW. Централата беше изведена во сите фази од страна на стручниот кадар на ФЕИТ и техничкиот сектор во ОКТА. Оваа централа, кoја по изведбата ОКТА му ја подари на факултетот, покрај едукативното значење за студентите на овој факултет, има и пристоен влог во обезбедувањето електрична енергија за  потребите на факултетот.

Вклучувањето во овој процес на студентите и стручните професори претставува вистински потег кој понатаму ќе донесе големи придобивки за сите вклучени страни, а особено за студентите кои ќе можат да  учат и да истражуваат на вистинска фотоволтаична централа, која е  вклучена во електроенергетскиот систем, како и сите други поголеми централи. Поучени од првичните искуства, нашите размислувања се насочија кон следните чекори, до реална инвестиција во фотоволтаични енергетски извори.

ОКТА АД СКОПЈЕ

Работиме со концептот на дистрибуирани производители од обновливи извори



  • Во светот постојат многу различни пристапи за инвестициите во обновливите извори и тие пристапи најчесто ги диктираат националните легислативи. Кои беа вашите размислувања за да почнете со инвестиции во обновливите извори?


 

- До 2018 година искуствата во нашата земја со фотоволтаични централи беа поврзани со бенефициите кои можеа да се добијат од државата со таканаречените субвенции за feeding тарифи, кои во почетокот беа логична последица на скапата опрема за фотоволтаичните централи и високата производна цена по произведен киловатчас енергија. Развојот на технологиите за производство на енергетска опрема за фотоволтаични централи се движи со голема брзина и тој показател придонесе голем пад на цената на енергетската опрема, а со тоа и на производната цена на електрична енергија од обновливи извори. Токму овие трендови, за нас како стручен тим беа предизвик да размислуваме за концепт според кој една фотоволтаична централа нема да зависи од субвенциите од државата, туку од пазарната економија, водејќи се од фактите дека производството на електрична енергија од обновливи извори може да биде исто толку конкурентно како и производството на електрична енергија од конвенционалните извори, со таа разлика што обновливите извори се значаен фактор за намалувањето на CO2 емисиите.

Сепак, само со инвестиција и изградба на фотоволтаична централа и нејзино пуштање во употреба, не значи дека сме целосно конкурентни на останатите конвенционални извори. За да се биде конкурентен во овој сегмент прв услов е да се има добро осмислен и сеопфатен концепт за менаџирање на енергијата без разлика од кој вид е.

Според направените анализи со актуелната  состојба со електричната енергија во државата, се одлучивме за концептот на дистрибуирани производители од обновливи извори. Имено, идејата е да се одберат мали и средни индустриски компании кои трошат многу електрична енергија во својот производствен процес, но кои, исто така, трошат и нафтени деривати и други енергенси (огревно дрво, јаглен). Со овој концепт, покрај инвестицијата во фотоволтаични електрични централи за производство на електрична енергија на покривите на нивните производни хали, ОКТА презема одговорност во исто време да ги снабдува овие компании со електрична енергија, која ќе мора да ја дополни произведената електрична енергија од фотоволтаичната централа и да се грижи исто така за  енергетскиот менаџмент во компаниите, со што ќе придонесе за поголема енергетска ефикасност, односно намалување на загубите на енергија во компаниите. Во секој случај, замената на јагленот, огревното дрво или мазутот со електрична енергија од обновлив извор, придонесува и за заштитата на животната средина во местата во кои работат овие компании.

Втор  услов за овој концепт да успее е исполнувањето на законските прописи во делот на производството на електрична енергија од обновливи извори, снабдувањето со електрична енергија, снабдувањето со течни горива и природен гас. ОКТА располага со соодветни лиценци издадени од Регулаторната комисија за енергетика за сите претходно наведени енергетски активности.

Трет услов за успех на овој концепт е да се има добро обучен и квалификуван стручен тим.

 

Првиот комерцијален проект во  текстилната фабрика во „Единство“



  • Кои се вашите конкретни проекти и колкави се инсталираните капацитети?


-Првиот комерцијален проект во делот на обновливите извори што го реализира ОКТА, беше во текстилната фабрика во Струмица – АД Конфекција Единство. Фотоволтаичната централа со капацитет од 100 kW беше пуштена во употреба во септември 2018 година и нејзиното проектирано производство изнесува 125 MWh годишно, што претставува супституција на 86,9 тони CO2 годишно. Горди сме што ова е прв проект од ваков вид во нашата држава, а можеби и во регионот, каде фотоволтаична централа работи во системот заедно со другите конвенционални извори исклучиво на пазарни услови без никакви дополнителни субвенции.

Во март 2019 година беше пуштена во употреба фотоволтаичната централа на еден од објектите во кругот на ОКТА, со инсталиран капацитет од 54 kW и очекувано годишно производство на електрична енергија од 68 MWh, што претставува супституција на 48,2 тони CO2 годишно. Овој проект е особено значаен за  намалувањето на електричната енергија што ја троши ОКТА за сопствени потреби, а ја купува од трговците на големо со електрична енергија.

Следните два проекта кои ОКТА успеа да ги стави во употреба во 2020 година, во услови на светска пандемија, се специфични по тоа што покрај постојниот концепт, компанијата се јави и како целосен изведувач на фотоволтаичните централи, од проект до пуштање во работа, за потребите на други правни субјекти. Во април 2020 година, на покривот на текстилната компанија МОДА АД, во Свети Николе, беше пуштена во употреба 300 kW фотоволтаична централа како заедничка инвестиција на ОКТА и МОДА. Оваа фотоволтаична централа е со проектирано производство од 428 MWh годишно, што претставува супституција на 303 тони CO2 годишно. По истиот принцип на заедничка инвестиција, во јули 2020 година, беше пуштена во употреба и фотоволтаичната централа поставена на покривот на Меѓународните училишта НОВА, со вкупен капацитет од 125 kW и проектирано годишно производство на електрична енергија од 155 MWh, што претставува супституција на 110 тони CO2 годишно. Треба да се потенцира дека и во овој случај покрај економската  корист, овој проект ќе има одлична едукативна примена, особено за средношколците од гимназијата НОВА кои имаат интерес во овој сегмент на енергетиката.

 


  • Дали планирате да продолжите со инвестициите во обновливите извори?


- Секако, со овие проекти не престануваат нашите инвестиции во обновливи извори на енергија. Во завршна фаза се наоѓа и проектот за инсталирање на 30 kW фотоволтаична централа на бензинската станица ОКТА, во близина на село Ржаничино, на автопатот Пријателство. Овој проект иако е мал по обем, сепак за нас претставува еден нов правец и нов концепт, особено кога во блиска иднина сѐ поактуелни ќе станат електричните возила и потребата за инсталација на брзи полначи за овие возила, кои, по дефиниција, очекувано е да користат обновлива, наместо конвенционална енергија. Во спротивно, која би била смислата да користиме јаглен за производство на електрична енергија, со која би ги полнеле батериите на електричните возила.

Во блиска иднина, нашите планови за инвестирање се насочени кон реализација на поголеми фотоволтаични централи за кои имаме голем простор во рамки на инсталацијата, односно располагаме со сопствено земјиште кое по сончевите карактеристики е идеално за ваков тип проекти.

Бране Стефановски