„Оне Македонија телекомуникации“, фирма на унгарската „Фор-ај-џи“, е единствената компанија која достави понуда на тендерот на Агенцијата за електронски комуникации за доделување одобренија за нов мобилен оператор.

Комисијата за спроведување на тендерот со јавно наддавање денеска на отворањето на понудите во АЕК констатираше дека понудувачот ги доставил сите документи.
- Постапката ќе продолжи во согласност со законот. Следува евалуација на документацијата, по што ќе се изготви извештај, изјави претседателот на Комисијата, Игор Бојаџиев.
Бидејќи се распишани локалните избори, одлуката, доколку е се во ред, ќе биде донесена по завршување на изборниот процес.
Иако, тендерска документација за трет мпбилен оператор подигнале три компани, понуда доставил само унгарскиот оператор.
Да потсетиме дека АЕК распиша тендер за доделување радиофреквенции на 19 јули годинава откако три оператори покажаа интерес за влез на нашиот пазарот. Едниот е „ОНЕ Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската 4iG што ја регистрираше во земјава, другиот е „е&PPF Telekom Grup“ – меѓународна телекомуникациска и инвестициска групација, а третиот е „Бистрим мобајл“, македонска фирма за телекомуникациски и интернет-услуги.
Во тендерот беа понудени три фреквенции со различен опфат, со почетна цена од 4,2 милиони евра за првата, 1,5 за втората и 2,3 милиони евра за третата фреквенција. За да почнат со давање услуги, ќе им требаат сите три, што значи новиот оператор за почеток ќе треба да плати најмалку осум милиони евра и според условите од тенедерот, треба да почне со работа на крајот на 2026 година.
Од новиот оператор се очекува да понуди пониски цени за услугите во мобилната телефонија и да понуди нови сервиси за граѓаните. Споредбено со земјите од регионот, во моментов само Макeдонија и Албанија имаат по два оператора. Во земјава, во моментов има два мрежни мобилни оператора – „Т-Мобиле“ и А1 и четири виртуелни оператори: „Лајкамобил“, „Телекабел“, „Грин мобајл“ и „М-Тел“. Сепак, „Т-Мобиле“ и А1 држат 96 отсто од пазарот на мобилна телефонија. Во Македонија, до 2015 година имаше три мобилни оператори, но тогашните „Уан“ и ВИП се споија во една фирма „Уан.Вип“, која во 2019 се преименува во „А1 Македонија“. По спојувањето, АЕК им одзеле дел од фреквенциите, токму за да остават простор за евентуален влез на трет мобилен оператор.