Од 24 до 26 март на онлајн платформата „Зум“ се одржува експертска мисија и работилница на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија – ТАИЕКС, посветени на измените и дополнувањата на Законот за авторското право и сродните права. Експертската мисија се одвива под водство на европскиот водечки експерт Михали Фичор, член на Унгарскиот совет за авторско право и претседавач на Алијансата за авторско право на Централна и Источна Европа во Унгарија.

На домашен терен, Министерството за култура во нашата земја го подготви Нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, соодветно усогласен со три европски директиви, со кој ќе се создадат услови за непречено остварување на авторското право и сродните права, особено во делот на колективното управување.

Во процесот на подготовка на измените и дополнувањата на Законот, поддршка и детални насоки за текстот на Законот претходно дадоа и неколкумина еминентни домашни и европски експерти во своите извештаи, чии насоки и издржани забелешки беа појдовна основа за подготовка на усогласувањето на Законот, особено со Директивата на ЕУ за колективно управување со авторското право и сродните права.

Настанот, кој беше организиран со посредство на Секретаријатот за европски прашања и во соработка со Министерството за култура, продолжува утре и задутре (25 и 26 март) со онлајн работилница, на која експертско видување ќе даде Михали Фичор од Унгарскиот совет за авторско право и претседавач на Алијансата за авторско право на Централна и Источна Европа во Унгарија, додека носителите на правата и корисниците ќе можат да поставуваат прашања и да дадат свои забелешки на темата.