Отворен „Стартапувај 4“ – над два милиони евра за македонскиот стартап еко систем. Со овој јавен повик што денеска го објав Фондот за иновации и технолошки развој, над два милиони евра неповратни финансиски средства ќе се распределат за поддршка на македонскиот стартап еко систем.

Јавниот повик „Стартапувај 4” е четврти по ред којшто обезбедува олеснети услови за аплицирање и олеснет финансиски пристап за старт-ап и спин-оф компаниите. Целта е да се поттикне иновативноста кај компаниите и да се реализираат нивните бизнис идеи.
Поддршката преку овој повик е наменета за проекти кои имаат најмалку „потврден концепт” и јасна амбиција на комерцијализација, како и проекти кои се во фаза на потврден концепт до преткомерцијална (претпазарна) фаза.
Mаксимална поддршка за иновативни идеи
„Вложувањето во стартапите е долгорочна инвестиција која има позитивни ефекти врз економијата во целост. Но поддршката која им е потребна на стартапите е клучна за да можат успешно да ја реализираат својата визија. Свесни сме дека пристапот до финансии е најголем проблем со кој се соочуваат македонските стартап компании, и токму во овој дел ФИТР преку јавниот повик ’Стартапувај 4’ им даваме максимална поддршка за нивен побрз развој, олеснет пристап до финансии и пристап до глобални пазари.
Во портфолиото на ФИТР, над 50 проценти се стартап компании и сигурен сум дека иднината им припаѓа токму на нив” вели директорот за Фонд за иновации и технолошки развој.
Добиените средства на повикот се неповратни, со што македонските стартап компании добиваат шанса својата идеја да ја претворат во успешен бизнис проект. Од вкупниот буџет на повикот, Фондот ќе обезбеди 40.000 евра (до 90 отсто) од вкупниот буџет на проект за трговски друштва до три години на постоење, односно до 60.000 евра (85 отсто) од вкупниот буџет на проект за трговски друштва со над три, а помалку од шест години постоење. Преостанатиот износ од 10, односно 15 отсто од вкупниот буџет за проектот ги обезбедува апликатнот.
На повикот „Стартапувај 4“ може да аплицира и тим кој се состои од најмногу пет членови – физички лица. Во овој случај, Апликантот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51 отсто од членовите на тимот.
Во однос на активностите кои ќе бидат одобрени за финансирање, ќе бидат поддржани активности за истражување и развој, развој на пилот линии, производ или услуга, активности за тестирање и валидација, активности за тестирање и други. Како подобни трошоци ќе се сметаат: бруто платите за лица кои се или ќе бидат вработени кај корисникот, набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој, како и поддоговорни услуги за истражување и развој.
Јавниот повик „Стартапувај 4” е отворен до 8. август годинава, а целата проектна документација и начинот на аплицирање се достапни на веб страната на фондот.