Отворена четвртата конференција за е-трговија во Македонија. Денес, под мотото „Ready, Set, Grow“, започна Четвртата годишна конференција за е-трговија на која присуствуваат речиси 500 учесници. Свое излагање ќе имаат 28 еминентни говорници од земјата и странство.

Отворена четвртата конференција за е-трговија во Македонија

Дигитализацијата и дигиталната нација, безбедните и иновативни е-плаќања, влијанието на COVID-19 врз е-трговијата, новите трендови во дигиталниот маркетинг, како и улогата на жените во дигиталниот свет и е-трговијата ќе бидат главните теми на годинешното издание кои ќе бидат претставени низ тринаесет презентации, еден неформален разговор и три панел сесии.

Конференцијата ја отвори претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Д-р Нина Ангеловска која во својот говор истакна дека по забрзаниот раст предизвикан од COVID-19, предизвикот кој останува е да се задржи овој раст преку понатамошна трансформација кон дигитално и смарт општество и искористување на предностите на дигиталната економија и е-трговијата како интегрален дел од истата.

„Продолжуваме и понатаму посветено и со многу ентузијазам, заедно со сите засегнати страни, да работиме и да го искористиме овој неповторлив период за забрзување на трансформацијата, дигитализацијата и е-трговијата во нашата земја.“ – рече Ангеловска.

Домашните е-трговци се повеќе на цена


Таа денес ексклузивно ги презентираше клучните сознанија од извештајот: „Преглед на е-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји”: Извештајот содржи податоци за влијанието на Covid-19 врз забрзаниот раст на е-трговијата, како и колку од овој раст се задржал во 2021 година. Извештајот вклучува и податоци за профилот на македонскиот е-купувач (што купува, каде, колку?) и споредба со балканскиот и европскиот. Исто така анализиран е потенцијалот за развој на е-трговијата според релевантните индекси, а сублимирани се и иницијативите кои ги имплементира АЕТМ за забрзување на растот и развојот на македонската е-трговија.

Во 2020 година растот на вкупните онлајн трансакции изнесуваше 36.5%, но ова што е позначајно е дека се забележува значајна промена во структурата на трансакциите во полза на домашните е-трговци. Така растот кон домашните е-трговци во 2020 изнесувал 135%. Главното прашање кое се поставува колку од овој раст се задржал и по олабавувањето на рестриктивните мерки. Согласно последните податоци на НБРСМ, растот кон домашните е-трговци во првото полугодие од 2021 година изнесува 77% што укажува дека иако од повисока основа се работи за продолжување на трендот на раст со висока стапка. Во првите шест месеци 195 милиони евра се слеале кон домашните е-трговци, од кои 63% од домашни купувачи.

Таа нагласи дека од податоците во Годишната анализа за е-трговија, која секоја година ја изработува Асоцијацијата за е-трговија, може да се заклучи дека македонскиот е-купувач во просек купува во три месеци еднаш до два пати, што е најмалку споредено со сите земји од Европа.

– Значи најретко купуваме онлајн или над 70 проценти од населението прави само една до две нарачки во три месеци. Најчестиот износ на нарачката е до 50 евра, исто како, што прават и соседните земји со што сме на дното во Европа по однос на висината на нарачките што ги прават. Се работи за помали трансакции. Најчесто се купува облека, спортска опрема…, што е исто и на ниво на Европа. Меѓутоа, Македонците најмалку од земјите во регионот и од Балканот купуваат онлајн мебел, производи за домаќинство и најмалку прават онлајн нарачки за храна, односно од ресторани, рече Ангеловска.

Македонците на интернет покрај тоа што купуваат онлајн, потенцира, се први во употреба на интернетот за социјални медиуми, односно за прикачување слики, текстови, лично креирани содржини и тоа драстично пред сите други земји во Европа.

– Ние сме меѓу последните заедно со земјите од регионот во користење на е-банкарство и не може да кажеме дека бележиме некој значаен прогрес во индексите за мерење на потенцијалот за развој на електронска трговија, и за мрежна подготвеност. Подготвени сме, меѓутоа имаме уште многу работа. Ние како Асоцијација сме свесни дека има бројни пречки и предизвици, продолжуваме и понатаму да работиме со многу ентузијазам за да ја промениме и да креираме поповолна клима за е-трговијата, а најважно да го искористиме овој исклучителен момент којшто го имаме за да ја забрзаме трансформацијата кон дигитално општество, рече Ангеловска.

Ако се споредиме со сите земји од регионот, потенцира таа, можеби е забележителен прогресот на Косово по однос на интернет пенетрација, која изнесува 96 проценти со што е близу до развиените земји, додека ние имаме 81 и е на исто како ниво во претходната година.

Позитивно е тоа што учеството на онлајн трансакциите во вкупните трансакции од два проценти во 2019 се зголемило на пет отсто во 2020 година.  Исто така понудата во е-трговија постојано расте и во првите шест месеци од 2021 се отворени над 200 нови е-продавници.

Говорници -значајни странски и домшни експерти


Отворена четвртата конференција за е-трговија во Македонија

На конференцијата ќе се обратат значајни странски говорници, меѓу кои би ги истакнале Габриел Гита, Потпретседател за бизнис развој за Централна и Источна Европа во Мастеркард, Романија; Шерон Гаи – директор за глобални клучни клиенти во Алибаба; Константин Костадинов – раководител на продажба за Централна и Југоисточна Европа во Вибер (Rakuten Viber); Ана Горка, Spotify партнер директор во Httpool; Срѓан Прокиќ – раководител за е-трговија во AirSerbia; От Велсберг – главен офицер за податоци во Влада на Естонија како и многу други.

Конференцијата ќе биде збогатена со три панел дискусии модерирани од домашни експерти. Дамјан Дано ќе ја модерира панел дискусијата на тема „Поврзаноста на довербата технологијата и регулативата”. На тема „Како и зошто поголема вклученост на жените” ќе разговараат Филомена Пљаковска Аспровска од КаСис АД Скопје, Милица Весовиќ Денковска од Philip Morris International и Марија Томеска од Еуролинк, модерирана од  Ангеловска како жена амбасадор на УНКТАД. И третата панел дискусија ќе биде на тема „Маркетинг лекции од регионалните пазари” каде модератор ќе биде Дарјан Раденковиќ.

Од АЕТМ потенцираат дека има голем интерес за темите меѓу македонската експертска јавност, а истото се потврдува и со големата заинтересираност за годинешното хибридно издание кое брои речиси 500 учесници од преку 150 компании, здруженија, организации и државни институции.