Тетово се приклучува на градовите кои имаат повратни вендинг машини за селекција на отпадот и негово одложување на соодветно место, од каде истиот низ процес на рециклирање ќе добие нова употребна вредност. Компанијата „Пакомак“ ја постави новата, четврта вендинг машина во „Веро“ меркетот во Тетово, а седма на територија на државата.

Со рециклирање, пластиката ќе добие нова употребна вредност

За непони три месеци, компанијата евидентира над 72 000 собрани парчиња пластика и лименки од над 2 200 корисници, кои ги користат апаратите. За директорот на „Пакомак“, Филип Ивановски, тоа е задоволителен резултат. Смета дека досегашните проблеми кои ги имале во функционирањето на машините, веќе се надминати.

Филип Ивановски - директор на „Пакомак“

„За период од една година, очекуваме да поставиме уште 60 вакви машини низ градовите низ Македонија. Да ја јакнеме навиката граѓаните да ја селектираат својата амбалажа, што ќе биде заложба не само на нас како држава, тоа во моментот е заложба на цел свет да се зајакне циркуларната економија, каде отпадот нема да биде перцепиран како отпад. Очекуваме да добиеме над 20 000 корисници, кои ќе ја одлагаат својата амбалажа во овие машини. Бидејќи преку „Веро“, граѓаните добибваат одреден финансиски надомест. Очекуваме кон граѓаните да се вратат стотици илјади евра, изјави Ивановски.

Ваквиот систем треба да стимулира поеколошко пакување и задолжителен поврат на амбалажата, а граѓаните ќе добијат и финансиски поттик за однесувањето. Тоа значи помалку депониран отпад но и економски бенефит.

Капацитетот на собирање на постоечките вендинг машини изнесува 160 пластични шишиња. Секоја од овие машини може да собира годишно до пет тона пластика и лименки. Тоа ќе биде чиста амбалажа што може повторно да се претвори во шише за пијалок или нова лименка. Новите модели кои ќе се поставуваат во иднина, планирано е да имаат 50 насто поголем капацитет.

Новата четврта машина на „Пакомак“ поставена во трговскиот центар во „Веро“ во Тетово

Новиот апарат во тетовско „Веро“, е четвртиот во низата кои се поставени во овие маркетите. Останатите три повратни вендинг апарати за селектирање пластични шишиња и лименки се наоѓаат во Скопје. И тоа во „Веро Џамбо“, „Веро“ во Тафталиџе и „Веро“ во Аеродром. Генералниот менаџер на „Веро“, Петар Денковски, оценува дека овој проект досега побудил голем интерес кај граѓаните.

Петар Денковски - генерален менаџер на „Веро“

„Многу сме задоволни од првичните резултати. Ние како општествено одговорна компанија, секој пат ќе се грижиме за подобрување на животната средина и за условите на живеење на граѓаните во државата. Ќе продолжиме со соработката со „Пакомак“ и ќе работиме на нови решенија. Во фаза сме сите наши објекти бидат опремени со вендинг машини. Со тоа сакаме да ја разбудиме свеста кај сите компании и поединци повеќе да се грижат за жвотната средина, бидејќи тоа е клучна причина за понатамошниот развој“, смета Денковски.   

Како функционираат вендинг машините?

Со секое селектирано пластично шише или лименка во некој од повратните вендинг апарати добивате зелени поени на вашата „Екомак“ мобилна апликација. Потоа, можете да ги замените за ваучери со попусти и да ги искористите при вашето пазарење во маркетите на „Веро“.

„За секое пуштено шише добивате еден зелен поен. Во моментот, вредноста на еден зелен поен е 0,5 денари. Тоа е реална вредност на материјалот која „Пакомак“ ја финансира. Кога ќе се соберат одреден број поени, можат да се трансформираат во ваушер со кој можете да купувате во Веро маркетите – налик наградните ваучери кои ги имаат. Добивате бар код на телефонот, го покажувате на каса, ви се намалува сметката во вредноста на ваучерот. Ваучерите се во вредност од 10,20,50 и 100 денари. Ако имате 200 поени, можете да си купите ваучер од 100 денари и за таа сума ќе ви се намали сметката“, објасни Ивановски.  

Упатство за користење на апликацијата

Како се евидентираат зелените поени и како можат да се искористат?  

- Апликацијата се презема преку Play store и App store или со скенирање на QR код.

- Создавате нов кориснички профил, внесувајќи ги вашите лични податоци.

- Пред пуштање на шишињата/лименките во машината, доближете го мобилниот телефон за да го скенирате вашиот личен QR код од мобилната апликација за евидентирање на зелените поени. Поените ќе бидат евидентирани на вашиот профил во рок од 24 часа.

https://www.youtube.com/watch?v=5qyKg2ZuC_0