Парите се последица на успешниот бизнис, не треба да бидат фокус, вели Весна Кузмановиќ, извршен директор на компанијата „Импала“. Таа е единствена жена во државата која има успешен EXIT зад себе. Пред 14 години, нејзината  компанија за истражување на пазарот ја продава на групацијата ГФК. Меѓу другото, во 20 - годишната кариера со претприемачко искуство работела и во голем дел интернационални и домашни компании во областа на истражување на пазарот и развој на нови производи.

Парите се последица на успешниот бизнис, не треба да бидат фокус

„Импала“ е платформа за невро маркетинг. Како што објаснува Кузмановиќ, тоа е сплет на научни дисциплини – неврологија, психологија, маркетинг економија и економска психологија. Односно, применување на алатки или метрики кои се користат во неврологија за да може да се оцени поведениоето на испитаниците или примателите.

„Важни се комуникациските пораки од маркетингот, а при тоа да не биде користен збор. Не вербално, туку метрики кои се поврзуваат со работа на човековиот мозок. Детекција на потсвесните елементи кои влијаат на донесување одлука.

Се фокусираме на мерење на движење на зеница на око, преку камера од лаптоп или компјутер, директно го мериме психичкиот процес на внимание, препознавање на емоции.

Мерење на пулсот ќе биде следна алатка. Преку нашите метрики допираме до несвесниот дел на испитаниците. Гледаме, како пораките што се праќаат - каков тип на емоции привлекуваат. Позитивни или негативни емоции, дали ќе запомнат или не, се со цел да се надмине пристрасноста која е главен ограничувачки фактор на пазарот со традиционалните пристапи“, вели Кузмановиќ.  


Според неа, пресудно за раст на компанијата не се финансиите, туку отвореноста за нови перспективи. Како нејзина грешка во водењето на бизнисот, го посочува моментот на ставањето на перфекционизмот пред продажбата.
„Пробајте на пазарот пред да биде производот совршен. Поинаку е грешка. Направете продажба за решението да биде одржливо“, порачува Кузмановиќ.

За добар старт на работа на компанија, смета дека е потребно да се детектира потребата на пазарот кој ќе го купува производот или услугата. Решението вели дека треба да биде максимално креативно, препознатливо за луѓето, и да има потенцијал на пазарот.

Грешки и очекувања при водењето компанија


Споделувајќи ја нејзината претприемачка приказна на настан организиран од Фондот за иновации и технолшки развој, Кузмановиќ сподели и совети и очекувања, но, и грешки кои треба да се избегнуваат при водењето на компанија.
„Во секој момент, секој човек може да биде извор на информација. Умот треба да биде доволно отворен, со цел да се откријат нови можности и ново ниво на знаење или научен напредок.

Грешка е ако вработувате лица по пријателска основа во компанијата. Тие никогаш нема да го дадат максимумот, бидејќи шансата ја добиле поради блискиот однос. Вработените мора да се бираат на јавен оглас.

Голем дел од луѓето тргнуваат во претприемачки води поради парите. Тоа е фактор кој може да влијае негативно. Создава притисок кој оневозможува креативно размислување, намалување на квалитет на услуга. Зоната на комфорт значи стагнација. Не се поврзувајте емотивно со компаниајта и оддвојте време доволно за приватниот живот“, вели таа.  


Од нејзиното искуство, како грешка го посочува изборот на демократски лидерски стил на водење на компанијата. Шансата да им се даде простор на луѓето ја чинело развој на компанијата порано, бидејќи како што вели не го достигнало  потребното ниво. Грешките кои се случувале, наместо да бидат санкционирани, ги преземала на свој грб.
„Во Македонија е таков менталитетот, луѓето се прилично размазени и многу повеќе и позитивни резултати се добиваат кога има авторитарен стил на работење“, заклучува Кузмановиќ.