„Печатарството нема да замре, само ќе се пренасочи кон друг вид на печатење. Дури и ништо да не се чита, да не се печатат книги, печатарството ќе се развива. Како расне бројот на производите за широка потрошувачка, така ќе се зголемуваат и потребите од пософистицирани техники на печатење. Значи сите логоа и налепници, до кутијата или опаковката каде се спакувани одредени производи, до кесите, билборди и ред други работи, се е печатено“, вели сопственичката на Друштвото за графичка издавачка дејност „Датапонс“, Оља Герасимовска Цветкоска.

Печатарството нема да замре, дури и ништо да не се чита, да не се печатат книги, печатарството ќе се развива

 

Во време на дигитална ера кога компјутерите ги заменија печатените изданија на книги, списанија, весници, публикации, се добива впечаток дека печатниците се најдоа во незавидна состојба. Меѓутоа и графичката индустрија се трансформира и ги осовременува своите услуги и е во чекор со дигитализацијата...

 Не одбиваме работа

-Во „Датапонс“ печатиме речиси сè за што клиентот има потреба, сè што тој замислил ние се обидуваме да го оствариме.

Познати сме по тоа што не одбиваме работа. Прифаќаме, модифицираме, пробуваме, правиме, купуваме нови машини-воведуваме нови техники, изнаоѓаме решение – во зависност од тоа колку е комплексна и голема работата, но во принцип не одбиваме клиент.  Произведуваме најразлични производи. За да се направи една книга, не е само печатењето. Таа треба да помине уште низ неколку машини по печатењето за да биде готова, објаснува Герасимовска Цветкоска.

Таа вели дека имаат различни клиенти од сите бранши, но за да се опстои важно е да не одбиваш работа. „И да не се умислува човек дека еве јас сум печатница и си ја работам само основната дејност. Не може така да се продолжи, кога сите технички процеси околу нас се движат напред, мора да се усогласиш со сè што ти доаѓа. Пожелно е да прифаќаш и да го комбинираш знаењето, искуството, но и новитетите во графичката индустрија.“

„Датапонс“ соработува со 10- ина издавачки куќи од различна големина за кои печати книги. Од друга страна подготвува и печати материјали за маркетинг агенции, банки, производни компании. Почнувајќи од флаери, налепници, картолини, воблери, хенгери, кутивчиња, кутии за храна, пијалаци, луксузни кутии за подароци (за парфеми, накит), наменски пакувања за одреден производ за прехранбените фирми, брендирани кутии за промоција на посебни производи, троделни опаковки итн.

Друштвените игри- тренд

Герасимовска објаснува дека тие печатат табачно, што во основа е поскапо од рото печатење.

За разлика од рото печатот, во процесот на офсет печатење се користи подебела и поразновидна хартија, картонска хартија,  разни специјални картони. Предноста на ваквите материјали како што вели Оља,- е што од нив може да се изработи и тефтер и кутија, книга и ред други работи. Така на пример, во моментов изработуваме друштвени игри како монопол, не лути се човече, сложувалки, елементи за пософистицирани игри со многу додатоци. Значи изработуваме и сложени производи од хартија, не само печатење.“

Освен на хартија и картон во „Датапонс“ печатат и на порцелан, дрво, стакло, текстил, пластика.

Оља вели дека за нив секоја работа е важна, прифаќаат работа и од помал обем, за што го отвориле и дигиталниот сектор.

Дигиталниот сектор, попрактичен за помали количини

Сега работат на внатрешно уредување на овој сектор, со цел да биде независен од материјално- финансиски аспект. Инаку, како што објаснува оваа млада стопанственичка, дигиталниот сектор е попрактичен кога се во прашање помали количини. Како на пример, изработка на менија за одреден клиент, обвивки за даден производ, каде цената е иста и за едно и за 50 парчиња. Додека при офсет печатењето, припремата, снимањето на плочите едноставно го зголемуваат трошокот, поради што кога има поголем тираж се калкулира со намалување на цената.

Во однос на квалитетот на книгата во зависност од тоа дали е печатена во офсет или дигитално, Оља е јасна, - нема некоја посебна разлика за читателот.-

„Разликата не е забележлива за некој што не е стручен во оваа бранша.  Разликата е во ‘точката’. Самиот печат ако е направен во офсет техника, кога ќе го видиш под лупа секој знак е точка која околу има испрекинато крукче. Значи целиот офсет печат е направен од милиони точки заокружени со испрекинати крукчиња што со голо око не може да се забележи. Во офсет се печати повеќеслојно што не е случај со дигитално печатење, каде сите бои се нанесуваат истовремено.

Што повеќе се бара?

Имајќи ги предвид овие аспекти, факт е дека „Датапонс“ е подготвена и за прифаќање на проекти и налози, и од поголем, и од помал обем. Меѓутоа, младата стопанственичка објаснува дека нема правило што повеќе се бара. „Сè се бара. Но, нас не ни е примарен дигиталниот сектор, бидејќи сè уште е во фаза на развој.  Го отворивме првенствено за да ги дополниме барањата на клиентите, како на пример за книги со помал тираж, тефтери, маици, торби пенкалца, и затоа печатиме на различни материјали.

Печатарството нема да замре, се насочува кон дигитализација

 Три децении печат

Друштвото за графичко издавачка дејност „Датапонс“ опстојува на пазарот точно три децении. Основана е неофицијално 1992, официјално 1995 година. Бизнисот го започнал таткото на Оља, Славе Герасимовски со партнер, многу скромно со една машина за печатење „Ромајор 4“ еднобојна - што се вели во подрумче- кажува Оља. Низ годините друштвото се проширувало, како што се зголемувала работата, се докупувале машини, а Герасимовски продолжил самостојно со работата. Денес печатницата е сместена во сопствен погон, технички опремен со современи машини со капацитет за сериско производство.

„Инаку, јас работам во „Датапонс“ веќе 12 години. Поради околностите, кога татко ми почина, се најдов во семејниот бизнис многу млада, кога бев прва година на факултет. Бев управител до 2017 година, а сега сум само сопственик. Тимот беше добар, стручен и обучен и затоа компанијата продолжи да функционира. Јас без нив сигурно немаше ништо да направам“, нагласи Оља.

Нашата млада соговорничка исправена пред предизвикот да го одржи семејниот бизнис вели: „Не дека работата во печатницата не ми беше позната. Уште од раните детски години, некаде од шесто одделение помагав во книговезница, за да си го заработам џепарлакот. Секое лето помагав во печатницата. И кога станав студент на англиска книжевност, преку летото работев во канцеларија и достава за да си извадам пари за одмор, за некој концерт каде имав желба да присуствувам.

Тимот е најбитен за сè

Процесот на работа во печатницата го запознавав низ годините, така што кога започнав официјално да го водам бизнисот, само продолжив. Татко ми Славе имаше поставено добри темели на бизнисот, и во однос на организацијата на работата, и во однос на поставеноста на тимот.

 „Датапонс“ е сместена во сопствени простории од 2 500 метри квадратни во атарот на Визбегово

Цела среќа што од една страна ја познавав работата, а од друга, благодарение на обучениот стручен кадар што застана зад мене, успеавме. Тимот е најбитен за сè. Во печатницата има околу 50 вработени. Таа бројка е константна веќе 15 -ина години. Има вработени со долгогодишен стаж. И сегашната управителка  на печатницата работи околу 20 години во фирмата, шефот на производство во офсет, исто тoлку. Потоа, раководителот на книговезница го испративме во пензија, го замени жена која исто така работи кај нас долги години. Но, покрај овие искусни луѓе имаме и помлади, меѓу 22 и 30 години.

Инаку и со кадарот е тешко, работиме со специфичен кадар. Се обидовме да се вклучиме и во дуалното образование, да земеме средношколци на пракса. Но, во графичка насока во насочените средни училишта има по два до три ученика.

Задоволни клиенти -гаранција за опстојување на пазарот

Имајќи го предвид искуството со водењето на печатарската дејност, Герасимовска Цветкоска смета дека за да се одржите и истраете на пазарот потребно е:

„Да имаш познавања од струката, од работата. Да имаш стручен кадар. Задоволни клиенти. И да внимаваш, да не влегуваш во преголеми ризици.“

Ова е поентата за успешна работа, што Оља си ја зацртала врз основа и на позитивните и на негативните искуствата од работата и од време на татко и, како и во тек на целиот овој период во кој таа го води наследениот семеен бизнис.

Таа се присетува дека своевремено имале проблем со наплата со печатење на редовните неделни списанија. Според неа всушност списанијата се најмногу повредени од дигитализацијата.

Што се однесува до книгите, Оља е убедена дека луѓето сè уште читаат, барем од жанрот на белетристика. Меѓутоа конкретно тие не се бават со популарна литература. Или како што самата појаснува-издаваме стручна наменска литература. Нашите книги ги има на сајтот „купикнига“.

Пред 10-ина години имаше големи финансирани проекти од министерствата за економија и за образование за преземање и издавање на стручни книги од сите области. Нашата печатница го доби делот за машинство и електротехника. А претходно имавме и економски книги. Со тие тендери работевме неколку години. Затоа што процедурата околу откупувањето на правото од матичните земји за оригиналните книги е подолготрајна, а исто така и преводот на стручната литература. Но, во секој случај работата се исплатеше оти беше финансирана од државата.

Препораката- најдобра реклама

Печатарството нема да замре. Тоа го потврдува и обемот на работа. Во моментот друштвото соработува со повеќе издавачки куќи од различна големина. Месечно имаат околу 200-300 работни налози, што на годишно ниво би значело илјадници книги од жанрот на детска литература- сликовници, белетристика, предучилишна и училишна возраст, вежбанки, детски игри, итн.

Печатарството нема да замре, само треба да имаш познавања од струката, од работата. Да имаш стручен кадар. Задоволни клиенти.

 Меѓутоа, оваа млада стопанственичка признава дека секогаш имаат полни раце работа. Покрај за домашниот пазар во „Датапонс“ печатат и за редовен европски клиент. Нарачката на овој клиент иако е еднаш годишно, е голема и ја работат повеќе месеци. Работат и за соседните држави, но печатат материјали и за западноевропски држави.

-Тековно имаме работа и презентираме само таму каде што ќе нè викнат. Слушаат за нас од препораки. Не бараме активно нови клиенти, затоа што не можеме да постигнеме. “

Нашата соговорничка не се жали. Работа има, меѓутоа како и кај сите други фирми во Македонија најголем проблем е наплатата.

Следен предизвик?

За Оља следен предизвик претставува дигитализација на производниот процес, односно работење со софтвер што го следи целокупниот процес на работа во вистинско време (ERP). Односно, поврзување на администрацијата и сите активности во компанијата дигитално. На овој принцип веќе работат  бројни печатници во западните земји.

Конкретен пример имаме во Холандија, каде преку софтверово реално време се следи секоја фаза во производството, кои параметри се исполнети, кои активности следуваат. „Тоа ќе ни ја олесни комуникацијата и работата и ќе нè стави во чекор со  дигиталното време. Патем, ова е еден чекор плус што нè изделува од конкуренцијата –која во некои сегменти ја има, но во други, како што е изработката на пакувањата за детските игри, ја немаме,“ нагласува Герасимовска Цветкоска.

Перспектива

Според Оља, перспективата во овој бизнис е во поефикасна работа и во квалитетот.

-Не е перспектива да влегуваш во проекти за кои треба да го зголемиш бројот на вработени, барем за нас. Тоа се огромни вложувања, кои повлекуваат финансирање во нов производен сектор, во машини и во луѓе.

За мене конкретно, предизвикот е внатрешно да се подобриме во квалитет и во дигитализација на производните процеси. Да ги подигнеме на повисоко ниво. Тоа би било иднината на нашата фирма. Скромно, но тоа е цел на која сега сме посветени.