
Во изобилство на музичка какафонија, радува секоја здрава мисла, нота, збор… Во тој дух е и новата песна на извонредниот Пијан Славеј, „Парфем“, која штотуку ја имаше својата онлајн-промоција. За „Парфем“, побаравле изјава од Пијан Славеј, кој за „Анторис“ кажа:
– Песната е снимена јануари годинава, во студиото Тра-ла-ла, на Мите Димовски, кој ја сними и ја измикса.
Многу ми е драго што ми гостуваа Иво Солдатовиќ на кларинет и Антоние Весковски на вибрафон, а особено сум среќен со непланираниот, инцидентен дует со Тања Тас. Песната е во духот на старите македонски шлагери. Потурена со шербет.

Пијан Славеј (а.к.а. Бранислав Николов) е музички перформер, автор и пејач во групата Фолтин. Роден е 1971г. во Битола.
Како дел од групата, зад себе има девет студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар “Медена земја”, интернационално наградуваните “Исцелител”, “Со љубов”, “Cash & Marry” и други.
Со концертни настапи и театарски претстави гостувал во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка. За својата работа досега е повеќепати наградуван.
Надвор од работата во групата, одржал концерт со Македонската филхармонија и објавил две поетски збирки.
Пијан Славеј не запира со „Парфем“. Најавува уште убави песни и музика…
Парфем
Сакаш ли да чуеш едно смело прашање:
Може ли за љубов да се пее по сеќавање?
И треба ли за љубов да се пее по сеќавање?
Сакаш ли да чуеш едно смело прашање:
И ти ли ги заборави промените во очите?
(вљубенично разбистрени, оргазмично замaтени)
И ти ли ги заборави промените во очите?
(очајнички наросени, пресушени од плакање)
Ако светот може без тебе да врти
ќе го пуштам сам да шета по вселената!
Кон тебе се вртам со тоа пусто прашање:
Треба ли за љубов да се пее по сеќавање?
И ти ли ги заборави промените во очите?
(вљубенично разбистрени, оргазмично заматени)
И ти ли ги заборави промените во очите?
(очајнички наросени, пресушени од плакање)
Ако светот може без тебе да врти
ќе го пуштам сам да шета по вселената!
Кон тебе се вртам со тоа пусто прашање:
Треба ли за љубов да се пее по сеќавање?