Начините на плаќање го следат развојот на технологијата. Довчерашната готовина и денешните телефонски онлајн плаќања ќе бидат заменети со насмевка или мавтање со раката. Тоа е тренд во моментов на којшто се почестото се потпира биометриката како начин за идентификување на корисниците.

Биометриката не е непозната во ИТ светот. Едноставно кажано, тоа е практичен начин на верификација преку физичките карактеристики на луѓето. Метод што веќе нашироко се користи при ракување со мобилни телефони - преку отпечатоци или скенирање на лицето. Сега неговата употреба се проширува и во полето на финансиските активности.

„Следната генерација доволно е само да се насмевне или да мавне со раката за да си ја плати сметката“, објави неодамна Mastercard во соопштението за својата нова биометриска програма.

Во Бразил -првиот пилот проект 

Програмата Mastercard Biometric Checkout поставува насоки за да се овозможи безбедно и непречено искуство со биометриско плаќање во која било продавница, каса или киоск.

„Тие стандарди веќе им се достапни на сите наши лиценцирани партнери. Тие веќе можат да ги приспособат сопствените решенија за понатамошно тестирање. Иноваторите од областа на биометриката ширум светот, како што се компаниите NEC, Payface, Aurus, Fujitsu Limited, PopID и PayBiFace, веќе работат на воведување биометриски решенија на пазарот“, велат од компанијата.

 

На глобално ниво, 74 отсто од потрошувачите имаат позитивен став кон биометриската технологија, а пазарот на бесконтактна биометриска технологија се очекува да достигне 18,6 милијарди долари до 2026 година, соопшти Mastercard.

Првиот пилот проект веќе беше лансиран во средината на мај во Бразил со Payface во пет супермаркети „Сен Марке“ во Сао Паоло.

 „Планирана е натамошна имплементација на пилот проекти на Блискиот Исток и Азија, а во наредните месеци ќе споделиме подетални информации за новите глобални партнерства“, објави Mastercard.

Корисничко искуство

При биометриско плаќање, како што информираат од компанијата, на корисникот на картичката не му треба никаков дополнителен уред или апликација. Тој ќе ги регистрира своите податоци кај трговецот - во продавницата или преку апликацијата на трговецот или преку давателот на биометриски решенија.

„Обично ова ќе биде комбинација од податоци за платежна картичка и една биометриска карактеристика, како што е скенирање на лице или дланка. Откако ќе се заврши внесувањето на податоците, тие ќе можат да се користат за плаќање преку регистрираната картичка“, објаснуваат од Mastercard.

Бидејќи тие служат за потврдување на идентитетот, биометриските податоци внесени овде всушност ја имаат истата функција како ПИН. После тоа, плаќањето се обработува на вообичаен начин.

Според Mastercard на овој начин трговците се стекнуваат со големи предности - од пократко време на трансакции и пократки редици, до поголема хигиена и зголемена безбедност. Покрај тоа, платниот систем може да се интегрира со програми за лојалност и персонализирани препораки за да им помогне на потрошувачите да најдат производи што може да ги интересираат врз основа на претходните набавки.