Со силни пораки за потребата од забрзан економски раст, институционални реформи, дигитална трансформација и поголемо национално обединување околу развојните приоритети, денеска во Скопје официјално беше отворен годинешниот Самит на Македонија2025.

 

 „Ако во почетокот 2025 беше цел кон која се движевме, денес 2025 е основа од која продолжуваме понатаму. Токму затоа и темата на годинешниот Самит е ‘По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување на лидерство’. Таа ја носи пораката дека нашата работа не завршува со една година, туку влегува во нова фаза на поголем фокус, раст, поголема дисциплина и поголема ориентација кон мерливи ефекти“, истакна Извршната директорка на Македонија2025, проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски во своето обраќање на отворањето на Самитот.

Таа нагласи дека новата стратегија на организацијата за периодот 2026–2030 ќе биде насочена кон три клучни столба: забрзување на растот и конкурентноста на компаниите, развој на лидерството и младите таленти, како и посилна мобилизација на дијаспората како двигател на знаење, инвестиции и глобално поврзување.

Македонија денес на важна пресвртница

Во своето обраќање, Мојсоска-Блажевски истакна и дека Македонија денес се наоѓа на важна пресвртница, при што потенцираше дека државата има капацитет и потенцијал за побрз развој, но дека се потребни поголема дисциплина, институционален континуитет, лидерство и партнерство меѓу сите чинители во општеството.

Ко-основачот на Македонија2025, Мајк Зафировски, порача дека Македонија мора да престане да биде земја која постојано се препознава само по својот потенцијал и дека е време потенцијалот да се претвори во конкретни резултати.

„Предолго Македонија беше опишувана како земја со потенцијал. Потенцијалот е важен, но не е доволен. Вистинското прашање е: како побрзо да преминеме од потенцијал кон перформанси? Како талентот да го претвориме во можности? Како добрата волја на дијаспората да ја претвориме во инвестиции, менторство и глобални мрежи?“, истакна Зафировски.

Тој потсети дека организацијата уште пред две години ги дефинирала трите клучни приоритети за забрзан развој на земјата: нулта толеранција за корупција, економски раст над пет проценти годишно и изградба на ефикасна и дигитализирана држава, оценувајќи дека тие и понатаму остануваат неопходни предуслови за долгорочен развој.

 Знаење, иновации и брз раст 

Претседавачот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо, порача дека светот денес се менува побрзо од кога било и дека токму затоа лидерството, иновациите и способноста за брза адаптација стануваат клучни фактори за успех.

„Малите држави како нашата не можат да се натпреваруваат по големина, но можат да се натпреваруваат преку агилност, знаење, иновации и брз раст. Економскиот раст денес повеќе не зависи само од капиталот, туку од луѓето, талентот и способноста брзо да се носат одлуки и да се имплементираат“, истакна Мизо.

Тој нагласи дека зелената и дигиталната трансформација повеќе не се избор, туку неопходност, а дека дијаспората претставува огромен потенцијал за Македонија преку знаење, инвестиции, менторство и отворање нови глобални можности.

Членот на Одборот на директори на Македонија2025, Кати Ицева, ја истакна потребата од системска дигитализација и подготвеност за користење на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека без соодветна инфраструктура, податоци и дигитална зрелост не може да се создаде вистински импакт.

„Технологиите се многу битни, но тие технологии сами не можат ништо да направат. За да се дојде до вистински импакт, мора да има инфраструктура, податоци и дигитализација“, истакна Ицева, осврнувајќи се и на иницијативата „Go Digital“ преку која Македонија2025 работи на поддршка на компаниите и институциите во процесот на дигитална трансформација.

Секако големо внимание на Самитот предизвика интервјуто на премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека најголемата шанса за економски раст на Македонија лежи токму во нејзината географска позиција и инфраструктурното поврзување со регионот и со Европа. Според него, државата со децении не ја искористила својата најголема компаративна предност, а тоа е позицијата на крстопатот меѓу два клучни европски коридори.

Поврзувањето е единствената равенка за поголем економски раст

– Поврзувањето е единствената равенка за поголем економски раст. Кога ќе го поставите прашањето која е предноста на државата, единствената компаративна предност што ја имаме ние со конкуренцијата во регионот и во Европа е тоа што сме место на поврзување на два важни европски коридори – Коридорот 10 и Коридорот 8 – истакна Мицкоски, нагласувајќи дека Македонија мора, конечно, да го изгради темелот врз кој ќе се гради економскиот развој.

Тој детално објасни дека Коридорот 10 претставува врска меѓу северна и јужна Европа, односно централна Европа со Медитеранот, преку Егејското Море, додека Коридорот 8 ги поврзува јадранската и јонската област со Црното Море. Според него, токму оваа позиција може да ја претвори Македонија во регионален транспортен, енергетски и економски центар.

Во текот на првиот ден од Самитот се одржуваа панели и разговори посветени на тоа што треба да се промени за Македонија и регионот да го забрзаат растот, дали регионот може да премине од потенцијал кон реални перформанси, зошто сега е вистинскиот момент за инвестиции, како инфраструктурата може да биде мултипликатор на растот, како иновациите се создаваат преку прекугранична соработка и што значи лидерство во глобална економија што постојано се менува. На Самитот учествуваат бројни домашни, регионални и меѓународни лидери од бизнисот, финансиите, технологијата, дипломатијата и академската заедница.

Со богата агенда, силни пораки и учество на истакнати говорници од земјата и странство, годинешниот Самит на Македонија2025 уште еднаш ја потврдува својата улога како една од најзначајните регионални платформи за идеи, партнерства и иницијативи насочени кон економски развој, лидерство и глобално поврзување на Македонија.