Со традиционалното садење на дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2023 година - македонскиот поет и писател Влада Урошевиќ, денеска во Струга почнува 62. издание на Струшките вечери на поезијата.

Официјалното отворање на една од најстарите манифестации во светот ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата „Т`га за југ“ пред платото на Домот на поезијата.

Мотото на годинашниот фестивал е „Чувствотворен јазик“, како што истакнува директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски, ја  потенцира поезијата и поетскиот јазик, односно јазикот создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Според Тасевски, со мотото се нагласува моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот.

Дваесет и пет поети од петнаесет земји веќе го потврдиле учеството на годинешното издание на СВП. Меѓу учесниците се: Гевин Бредли, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, кој живее и работи во Канада, а доаѓа од Ирска, Гај Хелмингер од Луксембург, Биргит Крејпе од Германија, Каролина Пихелгас од Естонија, Чема Паз Гаго од Шпанија, Гонџa Oзмен од Турција. Од регионот во Струга ќе пристигнат Павле Горановиќ од Црна Гора, Димитрис П. Краниотис од Грција, Жељка Авриќ од Србија, Арјан Калчо од Албанија, Роза Бојанова од Бугарија и многу други.

Како што е познато, годинашен добитник на највисокото признание на Струшките вечери на поезијата „Златниот венец“ е истакнатиот македонски поет и писател, академик Влада Урошевиќ. Како што истакнува Тасевски, Влада Урошевиќ, целосно заслужува да биде третиот по ред македонски добитник на Златниот венец, по Блаже Конески во 1981 година и Матеја Матевски во 2011 година. Зад ова признание стои неговата исклучителна творечка дејност, бројни книжевни дела од кои преку дванаесет збирки поезија,  бројни домашни и меѓународни награди и признанија, членството во Меѓународната академија Маларме во Париз и во Европската поетска академија со седиште во Луксембург, како и членството во МАНУ, Македонскиот П.Е.Н Центар и Друштвото на писателите на Македонија.

Оваа година, објавувањето на добитникот на наградата „Златен венец“ се случи во седиштето на УНЕСКО во Париз, во рамки на одбележувањето на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Во рамките на програмата на Струшките вечери на поезијата предвидени се меѓународни поетски читања, поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, како и портрети на добитниците на наградите „Браќа Миладиновци“ Димитар Башевски, „Златен венец“ Влада Урошевиќ и „Мосотви на Струга“ Гевин Бредли, изложби во чест на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“...

Фестивалот завршува в недела на манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мосотви на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ на годинашните лауреати Влада Урошевиќ, Гевин Бредли и Димитар Башевски.