Професор на Универзитетот А&М во Тексас не им напишал позитивна оценка на половина од апсолвентите, откако утврдил дека нивните трудови ги напишал ChatGPT - што не е точно. Единствениот проблем во целата приказна е што ChatGPT не е дизајниран да ја потврди содржината што ја генерира.

Во еден од безбројните примери на погрешно користење на чет-ботови и непознавање на нивните можности, професорот д-р Џаред Мам обвинил повеќе од половина од неговите студенти во последна година од студиите за мамење. Поради ваквата состојба Универзитетот во Тексас дури и го одложил издавањето на дипломите.
Професорот Мам им испратил на своите студенти електронска пошта во која ги информирал дека повеќето од апсолвентите ќе добијат нула поени на нивните задачи затоа што нивните претходни задачи се поминати преку ChatGPT, а таа програма утврдила дека тој ги напишал тие трудови.
„Ги копирав вашите одговори во ChatGPT и програмата ми кажа дека ја генерирала таа содржина“, рече Мам, објави Ролинг Стоун.
Кога студентите му укажале дека тие не мамат, туку дека навистина ги напишале своите задачи и ги покажале временски прикачените датотеки на „google doc“ (пред ChatGPT да стане широко распространет), професорот им одговорил: „Не ја оценувам вештачката интелигенција“.
Како резултат на тоа Универзитетот го стопирал издавањето на официјалните дипломи на поголемиот дел од дипломираните студенти. Мам им понудил да ги повторат последните два теста доколку сакаат да избегнат негативна оценка.
ChatGPT не е дизајниран да ја прикажува и идентификува содржината генерирана од вештачка интелигенција, вклучително и содржината која ја генерира самостојно. Постојат специјализирани програми за тоа, како што се Winston AI и Content at Scale, кои се специјално наменети за тоа.
Ова го препознава и компанијата OpenAI, која што го создаде ChatGPT. Програмата, исто така, со мало „поттикнување“, може да прави целосно лажни тврдења, па дури и да фабрикува примарен извор на информации, наведува Вашингтон пост.
Професорот Мам, кој предава земјоделство и природни ресурси, не одговори на повиците на медиумите. Универзитетот во Тексас соопшти дека го истражува случајот.
„Ниту еден студент не добил негативна оценка ниту бил одбиен поради ова. Професорот работи со студентите на утврдување дали е користена вештачка интелигенција при пишувањето на задачите“, одговориле од институцијата.
Меѓутоа, издавањето на дипломите на овој Универзитет засега е одложено додека не завршат поединечните истраги.