На 23-те факултети во состав на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје започна првиот рок за упис во прва година додипломски студии во академската 2024/2025 година. Слободни места има за 9.921 бруцош, од кои 4.761 за редовни студенти во државната квота, 4.210 за редовни студенти кои ќе ги кофинансираат студиите и 950 места за вонредни студенти.
Најмногу слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ – 1.020, на Природно-математичкиот факултет-ПМФ – 1.030, на Филозофскиот 895 места, на Филолошкиот факултет 790, на Правниот 705, на Економскиот факултет 700 слободни места…
Цената на партиципацијата за студии за редовните студенти во државната квота е непроменета и останува 200 евра годишно, а за редовните што ќе ги кофинансираат студиите и за вонредните студенти износот е 400 евра, како и во минатите години.
Резултатите од првиот уписен рок на УКИМ ќе бидат објавени на 3 септември, конечната ранг-листа на 6 септември, а на 11 и 12 септември ќе биде запишувањето на примените кандидати.
Вториот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 17 и 18 септември и третиот на 27 септември 2024.
Во споредба со лани, кога на УКИМ имало 10.473 места, оваа година бројката е намалена за 552 места. Бројот на студенти кои можат да се запишат на државните универзитети го одредува Владата, врз основа на податоците што ги доставуваат универзитетите.
Минатата година на ФИНКИ имало 1.150 слободни места додека оваа година има 1.020, намален број на слободни места има и на ПМФ, од 1.050 лани, оваа година има 1.030 слободни места. Драстично намалување има на Правниот факултет, ако минатата година имало 1.055 слободни места, оваа година бројот е намален за 265, односно можат да се запишат 705 студенти.
Причината за намалениот број на слободни места, според професор д-р Илија Ацески е сè помалиот број на ученици кои завршуваат средно училиште и тоа што се повеќе млади заминуваат во странство. Според професорот Ацески втора причина е тоа што УКИМ и другите универзитети не се реформираат.
„Не нудат, не покажуваат дека може квалитетно да се студира, не им даваат перспектива на младите, без разлика каде ќе работат по завршување на студиите. Практично, долго време не нудат реформи кои ќе укажат дека нешто може да се направи квалитетно. Бројот на слободни места веројатно ќе се намалува и во иднина. Комисии и тела што ги најавува Министерството за образование и наука, има многу, а резултатот од нивната работа не вроди никаков резултат“ вели професорот Ацески.
Според него, универзитетите во Македонија мора да покажат дека нудат квалитетно образование за да се намали иселувањето на младите.
Во тек е Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови. Вкупно 2.583 студенти ќе се сместат во државните студентски домови во Скопје – „Гоце Делчев“, „Пелагонија“ и „Томе Стефановски Сениќ“.
Во моментов се реконструираат студентските домови „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, а се очекува реконструкцијата да трае околу 18 месеци. Додека трае реконструкцијата, на студентите ќе им биде понудено сместување во студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“, како и во дел од ученичките домови кои не се пополнуваат целосно во изминатите учебни години.
Условите за живеење во дел од студентските домови се крајно запуштени и нудат супстандардни услови за живот.
Далеку е дофатот до Шангајската листа
Ниту еден македонски универзитет не се најде меѓу првите 1000 на рангирањето на најдобрите Универзитети во Светот, или позната како „Шангајска листа“.
На врвот на листата се универзитетите Харвард, Стенфорд, МИТ, Кембриџ и Беркли.
Од регионот, Универзитетот во Белград се најде меѓу 401-500 место, односно бележи пат со оглед дека минатата година беше меѓу 301-400 место.
Универзитетот во Загреб се најде на истото место како и белградскиот, додека во Љубљана е на 501-600 место. На листата се најда шест грчки Универзитети.
Освен од Македонија, на листата нема ниту еден универзитет од Албанија и од Бугарија.