Народна банка ги објави најновите бројки за каматникте стапки и на кредитите, и на штедните влогови, кои се однесуваат за март оваа година.

Според соопштението во март 2023 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,04 отсто и бележи месечен и годишен раст од 0,04 п.п. и 0,74 п.п., соодветно.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити е зголемена на месечна и годишна основа за 0,11 п.п. и 0,41 п.п., соодветно и изнесува 1,11 проценти.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во март, изнесува 5,26 отсто, што претставува месечно и годишно зголемување од 0,06 п.п. и 1,51 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити забележа месечен и годишен раст од 0,33 п.п. и 1,36 п.п., соодветно и изнесува 2,04 отсто.

Каматни стапки на корпоративниот сектор

Овој месец, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор оствари месечен раст од 0,07 п.п. и изнесува 4,70 проценти. Притоа, растот е резултат на зголемувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,12 п.п. и 0,10 п.п., соодветно), како и на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,06 п.п.). Во споредба со март минатата година, оваа каматна стапка бележи раст од 1,27 п.п.

Во март, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува 5,27 отсто и е повисока за 0,05 п.п., на месечно ниво. Нагорната промена се должи на зголемените каматни стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,59 п.п. и 0,10 п.п., соодветно), додека каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула бележат пад (за 0,01 п.п.). Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор забележа зголемување од 1,96 п.п.

 Домаќинства

‒ Овој месец, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата забележа месечен раст од 0,05 п.п. и изнесува 5,23 проценти. Месечната промена се должи на зголемените каматни стапки на кредитите во странска валута (за 0,20 п.п.), при остварен раст и на каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,08 п.п. и 0,07 п.п., соодветно). Во однос на март 2022 година, каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата бележи зголемување од 0,76 п.п.

ЕБЦ ќе продолжи да ги зголемува каматите 

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја повика Европската централна банка (ЕЦБ) да продолжи да ги зголемува каматните стапки до средината на 2024 година, како дел од напорите за спречување на високата инфлација во Европската унија. Фондот ги повика и министрите за финансии на земјите од ЕУ да спроведат рестриктивна фискална политика.

Алфред Камер, шеф на европскиот оддел на ММФ, е најмногу загрижен за инфлацијата, која тој ја нарекува „данок на сиромаштија“.

„Нашата главна препорака е да се ограничи инфлацијата, што значи дека мораме да користиме инструменти на монетарната политика. ЕЦБ треба да спроведе строга политика на долг рок - проценуваме до средината на 2024 година - за да ја намали инфлацијата до посакуваните два проценти во 2025 година“, рече Камер.

Во март 2023 година, инфлацијата во 20-те земји на ЕУ кои го користат еврото изнесуваше 6,9 отсто на годишна основа. Базичната инфлација беше уште поголема и изнесуваше 7,5 отсто.

Од средината на 2022 година до март 2023 година, ЕЦБ драстично ги зголеми каматните стапки од нула на 3,5 отсто, но малкумина очекуваа оваа политика да продолжи и по 2023 година.