Пошта на Македонија денеска промовираше пригодна поштенска марка илустрирана со ликот на великанот Блаже Конески, дело на академик Димитар Кондовски, а по повод јубилејот 100 години од раѓањето на Конески. Марката е пуштена во оптек во 6000 примероци и е во вредност од 72 денари, а може да се најде во Бирото за филателија во Пошта 2 во Скопје. Издавањето на марката е само дел од обемната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“. По тој повод, се изработуваат и повеќе логоа, видео за животот и делото на Блаже Конески, веб-анимации со анимирани текстови од поезијата и цитати на Конески, како и аудиовизуелни спотови со песни, на повеќе јазици. Предвидено е издавање книги, монографии, пригодни академски изданија и зборници посветени на ликот и делото на Блаже Конески, научно-наставни проекти, конференции, како и промоција на дигиталното издание на Толковниот речник на македонскиот јазик и многу други настани. Неодамна, на 21 март, по повод Светскиот ден на поезијата, во седиштето на УНЕСКО во Париз беше организиран настан во чест на Конески. Во септември, пак, ќе се реализира чествување на Конески во Риека, Хрватска, и во Галовеј, Ирска, кои се европски престолнини на културата, како и во Софија, Бугарија.

 

Промоцијата е дел од програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“. Стогодишнината од раѓањето на Конески е запишана и во Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО.