Свои излагања имаа извршни директори, главни финансиски директори, раководители, контролери и експерти од финансиските професии, со претставници од странство: Frankfurt School of Finance and Management, Siemens Advanta Consulting, Horvath & Partners и Hiteco. 

Од македонскиот терен, говореа претставници на: Управата за Јавни Приходи, Македонски Телеком, Шпаркасе банка, Кроација Осигурување, ФИЛА ГРУПА, КОСТАЛ Македонија, Макпетрол, Фонд за иновации и технолошки развој, Арел невромаркетинг и Банзае. 

Во фокус на настанот беа дискусии кои ја опфатија глобалната корпоративна стратегија и улогата на финансискиот директор, со активностите за трансформација на организацијата на контролинг. Се разгледаа новосоздадените можности за дигитализација во финансискиот менаџмент со иновативни пристапи, а особено интересни и корисни беа презентациите, практичните совети и лични примери од успешно совладување на кризниот период и адаптирање на најсовремените динамични технолошки трендови.

Главниот директор за финансии на „Македонски Телеком“, Славко Пројкоски, даде увид во „Дојче Телеком“ / „Македонски Телеком АД Скопје“, на тема: „Менаџмент на перформанси во кризниот период“. 

„Ваква криза бара организација, флексибилност и агилност. Достапноста на податоците и деловното знаење се од суштинско значење за насочување на компанијата на вистинската патека. Овде доаѓа до израз навигацијата на извештаите и без нив е лесно да се изгубите во огромниот океан на бизнисот“, рече Пројкоски. 

Онлајн домаќин од С.Р. Германија беше проф. д-р Роналд Глеих, член на управата на Институтот Хајделберг во Скопје, директор на „Center for Performance Management & Controlling“, во една од најпрестижните школи за банкари, финансисти и менаџери - „Франкфуртската школа за финансии и менаџмент“. Домаќин во Скопје беше проф. д-р Синиша Наумоски, контролинг професор и претставник на Управата на Институтот ХАЈДЕЛБЕРГ во Скопје и претседател на Академскиот совет во првата македонска банкарска академија - АБИТ, кој е и член на Советот на Народната банка. 

Учесниците ја имаа можноста да се запознаат со најдобрите меѓународни практики во согласност со барањата на локално ниво. На истата, беа презентирани првичните резултати од новото истражување - европската студија под менторство на Frankfurt School of Finance & Management „Контролинг/Управување со сметководствена организација на децентрализирани единици“ во соработка со Hays и ICV. Заедно со уште шест земји, меѓу кои Германија како лидер, македонските контролери се дел од овој голем проект за поддршка и имплементација на функцијата - контролинг во македонските компании и земјите од Западен Балкан.

На конференцијата за прв пат беа презентирани германските магистерски студии за контролинг, први од ваков вид за земјите од Западен Балкан, со назив: Германска дуална магистерска програма - MBA in Finance & Controlling.
Со ова се заокружи 5-тата меѓународна контролинг конференција, во организација на Франкфуртската школа, германскиот институт Хајделберг во Скопје и првата македонска банкарска академија – АБИТ. Најавени беа активностите на Македонската контролинг асоцијација (МКА), чија цел е формирање алумни клуб и промоција на идните консултанти во оваа област, како и развој на функцијата на контролинг во малите и средните претпријатија и јавниот сектор.