„Thrivity“ е бизнис платформа, место каде се среќаваат луѓето кои бараат работа и компаниите кои ја нудат. „Thrivity“ е замислен е да функционира комплетно онлајн. Целта на компанијата е да го скрати времето од моментот на аплицирање на оние кои бараат работа до моментот се’ додека компаниите не стигнат во вработените. Иновативниот софтвер е развиван од 2018-та година и најголемата придобивка е што секој може да се регистрира и да си направи CV по највисоките стандарди. „Thrivity“ влезе на пазарот со самите почетоци на пандемијата. Какво беше искуството, раскажа Дејан Ваневски, менаџер за стратешки развој на бизнис во компанијата.     

„На почетокот, пандемијата за нас беше непријатно изненадување. „Thrivity“ требаше да биде лансиран на 15 март, а на 13 март веќе имавме локдаун. Најмногу влијание имаше на работата. За да функционираме, требаше да стигнеме до компаниите кои ќе објавуваат работни места. Како ќе стигнеш, кога не можеш да излезеш од дома? На првиот кризен состанок, направивме стратегија да пристапуваме кон компаниите онлајн. Првите тренинзи кои ги поминавме беа за онлајн продажба. Кај луѓето беше поедноставно. Имаме преку милион корисници на социјалните мрежи, тој маркетинг полесно одеше. Но, за да се стигне до компаниите во тој период беше драма. Дури и тие што можеа да дојдат, не доаѓаа. Имавме сериозна дисторзија во работењето. Секој ден учевме. Правевме нови работи, ги пробивавме бариерите“, вели Ваневски.

Со попуштањето на стегите од пандемијата, смета дека останале некои позитивни работи. А тоа се дека за секој состанок вработените не мора да патуваат. Користењето на технологијата, пак, скоро и да го премостува моментот на физичка дистанца. Со тоа, ги спасиле одредени нивни кандидати од патување, возење и дел од тие процеси се случувале онлајн. Овие работи ги наведува како позитивни промени на навиките кои се во корист на луѓето и компаниите. За негативните смета дека се видливи, како стравот од економската криза која се уште трае.

Како менаџер на компанија која ги поврзува бизнисот и потенцијалните нови вработени, Ваневси смета има сериозен недостаток на кадар во сите сектори и сите индустрии. Како проблеми ги наведува миграцијата, но и тоа што луѓето еволуираат, но, не и компаниите.

„Војната за таленти се трансформираше за борба на луѓе. За жал, живееме во општество каде компаниите не еволуираат брзо. Кај нас има преку 70 000 компании регистрирано во Македонија. Но, само бројката од 20 000 компании се реални компании, другите се човек компанија. Од тие 20 000 сите се соочуваат да најдат работници. И малото гранапче што продава леб и млеко до најголемите работодавачи кои вработуваат и до 3 000 луѓе. Ако мислиме дека толку брзо ќе умираат сите работни места, имаме погрешни очекувања. Постојат работни места кои ќе еволуираат многу брзо, посебно во ИТ секторот, но, нашата пракса покажува дека одредени работни места не можат поради природата на работните места и заради потребите да еволуираат. Постојат одредени индустрии за кои е потребна работна сила и таа потреба нема да престане. Дел од нив ќе се дигитализираат, дел од процесите ќе се забрзаат, но, сепак ќе останат. Колку и да сакаме, во здравството ќе има потреба од луѓе и други индустрии. Уште поважно од самата трансформација на местата е трансформација на луѓето и нивниот начин на размислување“, смета Ваневски.  

Според него, генералната потреба за трансформација е потребата од трансформацијата на компаниите и привлекување на вистинските луѓе и нивно правилно наградување, нивен правилен развој и тоа на сите нивоа и сектори. За Ваневски, лојалноста во денешно време како збор не треба да постои, бидејќи луѓето бараат каде ќе бидат посреќни и позадоволни, помотивирани и повеќе посветени на работата.

„Постои термин во светот се вика способноста за доедукација за промени и носење резултати. Најважно за секој вработен е тоа да знаете да учите брзо и да се прилагодите на промените. Тие што не се менуваат, ќе исчезнат. Тој процес не може да оди назад, туку само напред. Работните места прогресираат. Миграцијата во последните 1 000 години постои и тоа е незапирлив процес. Тоа што треба да се случи е фирмите да почнат да водат грижа за луѓето, а младите да учат на трпеливост. Можеби ИТ индустријата носи прогрес, но, ги прави луѓето нестрпливи поради брзината на нивниот прогрес. Не можат сите да го следат тој ритам. Одредени млади во нивната фаза кога треба да бидат најпродуктивни се разочаруваат. Не е секој добар за се’. Не може сите да бидеме ИТ инженери. Треба да ги избираме компаниите кои се спремни да инвестираат во нас и да ни кажат колку и во што сме добри. Тоа е предизвик за компаниите. Ништо не ги спречува локалните компании да инвестираат во луѓе и да менаџираат системи“, е ставот на Ваневски.