Првата регионална конференција „Без предрасуди, само бизнис“ го отвори прашањето за зајакнувањето на економската соработка во услови на веќе постоечката иницијативата која почна да функционира во пракса - „Отворен Балкан“. Но, од друга страна и да покаже колку се слични предизвиците и проблемите со кои се соочуваат бизнисите во четирите земји - Пазарите на Црна Гора, Хрватска, Северна Македонија и Србија.

Дел од овој настан беше и македонската бизнис делегација, меѓу кои и Михајло Евросимовски, директор на компанијата „Евросимовски Консалтинг“, која е дел од Сојузот на стопански комори. Тој истакна дека регионалната соработка, со создавањето на „Отворен Балкан“ треба да се зголеми. Преку зголемување на проткот на луѓе и на производи во регионот.
„Македонија е уникатна во ајвар, вино и сирење. Ако ги земеме статистиките, ние сме најголеми извозници во регионот кон Србија, потоа Германија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Соработката мора да започне прво меѓу нас. Бидејќи е невозможно да се отвориме со границите и со трговијата со ЕУ, во моментот да одработиме со Хрватска и Словенија. Но, добро е да сработиме меѓу нас - Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Се полесно ќе биде“, истакна Евросимовски.
Според него, регионот е интересен за странските инвеститори. Затоа, смета дека треба заеднички да се работи и во делот на едукацијата на новите генерации. Неговиот став е дека стопанските комори и владите на овие земји треба да одредат некакви програми, во кои ќе може да се пронајде клучот за она што е интересно за странските инвеститори. Односно, државата, заедно со коморите и бизнисот да почнат да вложуваат во едукациските стандарди. Како сфера која ја работи долги години, примена на стандарди и стандардизација, смета дека тоа е аспект каде може да се најде за подобра комуникација со инвеститорите. Од друга страна, пак, нема да има одлив на кадар во толкав обем во Западна Европа и Америка.

„Институтите за акредитација на сите земји на сите фитосанитарни и биолошки лаборатории, покажаа дека резултатите кои ги произведоа во време на корона тестирањето се идентични. Така, тоа е врзано и за ISO стандардите, кои се потребни за влез во ЕУ. Дефинитивно, еден од осумте бенчмаркови кои ние треба да ги поминеме, а ги пројде и Хрватска пред влезот во ЕУ е стандаридизација и акредитација. Сите овие наши институти за акредитација ги одработија своите задачи и веќе влегоа во Унијата, бидејќи ние потпишавме договори дека резултатите кои се добиваат во овие лаборатории, на пример за ковид тестирањата, се препознаваат како валидни во Европа. Така што, тој проток на производите може дополнително да се убрза. Ние како бизнис заедница веќе со акредитацијата и стандардизацијата го одработивме првиот чекор за подобра и побрза меѓусебна размена“, посочи Евросимовски.
Потрагата по кадар за работа
Во разговорот на панелот во делот на недостигот на кадар, Евросимовски вели дека сите луѓе од регионот кога заминуваат во Европа, имаат одлични резултати и заработуваат многу пари. Генерално, според него, регионот креира генерации кои имаат капацитет да се справат на која било работна позиција во светски рамки. Во однос на ИТ секторот, младите во Македонија меѓу 20 и 30 години можат да заработуваат добро работејќи за големи компании. Меѓутоа, како што вели Евросимовски, платата не е единствениот сегмент. Голем дел од младите ги гледаат и останатите аспекти од секојдневното живеење во општеството каде живеат. Односно дали им се допаѓа средината или не.
Во делот на дуалното образование, пак, напомена дека германската комора во Македонија е многу активна во инвестирање во образованието. Автомобилската индустрија е доста присутна и вложува во кадар кој им е неопходен.
За крај, песимистички сподели дека не е оптимист дека Македонија наскоро ќе влезе во Европската унија, но, според него тоа не треба да претставува пречка во развој на домашните потенцијали.
„Како мала земја географски сме одлично поставени. Со Коридорот 8 и Коридорот 10 поврзуваме доста земји меѓу нас. Произведуваме храна, имаме доста сончеви денови. Потребно е да се инвестира во енергетиката и соларните електрани за да ја избегнеме кризата која ни доаѓа во септември. Воедно, треба на многу повисоко ниво да ја промовираме и културата која ја негуваме и ние дома, но и во регионот“, заклучи Евросимовски.