.Вкупните кредити бележат раст од 1,1 на месечна и 11,5 проценти на годишна основа како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.

Вкупните депозити во февруари, се зголемени за 0,4 отсто на месечна основа, во целост како резултат на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, во услови на пад на депозитите на корпоративниот сектор. Споредено на годишна основа, забележан е раст од 11,1 отсто, поради зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес кон растот на депозитите на секторот „домаќинства“, информираат од Народна банка во соопштението за монетарните движења во февруари во земјава..
-Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во февруари, остварија месечно намалување од 1,0 отсто како резултат на падот на краткорочните депозити во странска валута, додека останатите компоненти забележаа раст. Годишниот раст изнесува 7,4 проценти и произлегува од повисоките депозитни пари, краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, при забележан пад на краткорочните депозити во странска валута.
Во февруари, кредитите на корпоративниот сектор забележаа месечен и годишен раст од 1,5 отсто и 14,3 отсто, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена во целост се должат на зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута.
Депозитите на домаќинствата во нагорен тренд
Вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, се зголемени за 0,8 отсто во однос на претходниот месец, во поголем дел под влијание на зголемените депозитни пари и долгорочни депозити во денари и во странска валута, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари и во странска валута. Депозитите на домаќинствата бележат годишно зголемување од 13,1 отсто како резултат на повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на намалување на краткорочните депозити во странска валута и во денари.
Овој месец, кредитите на домаќинствата забележаа месечно и годишно зголемување од 0,7 и 8,9 проценти, соодветно. Промената кај двете основи се должи на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во февруари, кај потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, е забележан месечен раст од 0,9 и 1,2 отсто, соодветно, при годишен раст од 8,5 отсто и 13,3 проценти, соодветно.
Во февруари, автомобилските кредити се намалени за 0,8 отсто на месечна основа, додека на годишна основа бележат зголемување од 6,5 отсто. Овој месец, кредитите одобрени на кредитните картички остварија месечно и годишно намалување од 1,8 и 9,0 отсто, соодветно. Во февруари, кај негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи е забележан месечен пад од 0,9 отсто и 1,5 проценти, соодветно, како и годишно намалување од пет и 9,5 проценти, соодветно, се наведува во соопштението од Народната банка.