Проф. д-р Атанас Кочов – Машински факултет

„Поттикнат од актуелната состојба на нашиот УКИМ, која сите ја живееме и споделуваме, соочувајќи се со досега најголем пад на Шангајската листа за рангирање на Универзитетите, најнизок стандард на вработените, драстично намалување на бројот на студенти на УКИМ, одлучив да поднесам пријава за изборниот циклус за позиција Ректор на УКИМ во мандатен период 2023-2026 година“, вели професорот од Машинскиот факултет, Атанас Кочов во однос на неговата кандидатура.  

Ветува дека ќе работи на зајакнување на положбата на  Универзитетот и негово поставување на заслужениот пиедестал, фокусирајќи се на следните приоритети:

- Меѓународна афирмација и унапредување на рејтингот на Универзитетот во земјата, регионот и пошироко,

- Вработување на неопходен кадар преку задржување на најдобрите студенти во студирањето за нивен развој како кадар на УКИМ,

- Унапредување на стандардот на вработените кој последните години со инфлацијата и порастот на трошоците на живеење далеку заостанува зад движењето на платите во општеството и посебно во основното и средното образование,

- Унапредување на условите за работа на вработените на УКИМ, како и обезбедување на сопствени просторни услови за некои факултети кои во моментот се потстанари или работат во услови кои ја деградираат професијата,

- Унапредување на стандардот на студентите, како и на условите за нивно студирање

- Промени во доменот на финансиите на УКИМ, кон помало зафаќање од приходите на факултетите, како и подобро и полесно управување со финансиите кај меѓународните проекти

- Иницирање промени во ЗВО во насока на олеснување на постапката за вработување на потребниот кадар на Универзитетот (кадровска автономија), и други аспекти кои ќе произлезат од согледаните проблеми кои ги наметнува ЗВО 2018 година

Визијата на Кочов за консолидирање и успешен иден развој на УКИМ се темели на:

- Подобрување на материјално-финансиската состојба на Универзитетот преку посебни државни и интерни политики за финансирање,

- Зајакнување на соработката и поврзувањето со стопанството и бизнис заедницата во Македонија,

- Консолидирање и целосна автономна независност на единиците на УКИМ во донесувањето на интерните политики за наука, развој, истражување, вработувања и соработки со стопанството,

- Стимулирање на меѓународната соработка и научноистражувачката дејност и уметноста,

- Студентите – партнери, целосна вклученост на студентите во наставната, научната и апликативната дејност на Универзитетот,

- Нов современ модел на претприемачки Универзитет за остварување на Агенда 2030 и 2050 за реализација на Стратегија за паметна специјализација.

„За таа цел, потребно е да се надополни стратегијата за развој на УКИМ и заедно да усвоиме надополнета Стратегија на УКИМ 2030 која ќе биде исполнување на визијата и мотото, со јасно поставени темели на идниот развој на Универзитетот како фактор за развој на високото образование, но и севкупните текови за општествено-економскиот, технолошки развој на Македонија, односно Универзитет- моторна сила за одржлив развој на Македонија“, смета Кочов.

Проф. д-р Христина Спасевска, Факултет за електротехника и информациски технологии

Мотото на професорката Спасевска за нов Ректор на УКИМ е „Европско образование на УКИМ” и претставува одраз на суштинската соработка помеѓу професорите и студентите, за заедничко насочување кон подигнување на квалитетот на образовниот процес и примена на европските стандарди за високо образование. 

Нејзината мисија е истакнување на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за лидер на секое поле. Универзитет кој ќе ги примени европските стандарди и мерила за квалитет, образувајќи ги најдобрите кадри. УКИМ кој нуди европско образование дома, преку:

- воспоставување на одржливи механизми за подигнување на квалитетот на образованието и науката,

- значајно зголемување на меѓународната соработка и поголема вклученост на академскиот кадар во проекти финансирани од меѓународни програми,

- воспоставување интегрирани дигитални системи за работа,

- подигнување на рејтингот на УКИМ на листата на најдобри светски универзитети,
- негување на академска и студентска автономија,

- транспарентно и отчетно работење,

- континуиран дијалог со државните институции за подобрување на академскиот и студентскиот стандард. 

Нејзината програмата за работа и развој се темели на 7 приоритети за европско образование на УКИМ:

- Студенти и студентски стандард,

- УКИМ на меѓународните ранг листи,

- Дигитална трансформација,

- Зајакнување на капацитетите на УКИМ,

- Обезбедување квалитет,

- Академска автономија,

- Транспарентност и општествена одговорност.

Овие приоритети, Спасевска наведува дека ќе се остваруваат преку конкретни проекти, што ќе се реализираат согласно акциски план, со точно поставена временска рамка и предвидени финансии. Ќе се работат тимски, со суштинска вклученост на вработените и студентите. Особен придонес ќе дадат проректорите соподдршка на приоритетите за развој во оваа програма. Тие ќе се изберат во широки консултации и со консензус на ниво на факултети и институти.

Приоритетот „Студенти и студентски стандард“, во центарот ќе ги има студентите, кои по оформувањето на своето образование треба да бидат конкурентни на пазарот на труд, задоволувајќи ги потребите на нашето стопанство. Со добивање на квалитетно формално образование, преку меѓународно препознатливи студиски програми, ориентирани кон бизнис заедницата, дополнети со практична работа, но и вештини за тимска работа, студентите по завршувањето на студиите ќе можат да започнат успешни професионални кариери и имаат брзо напредување. Тие треба да бидат подготвени во секој чекор да ги следат новите технологии. Овој приоритет, Спасевска вели ќе се остварува преку проектите за зајакнување на капацитетите на Центарот за кариера на УКИМ, програма за студентски активности и меѓународна мобилност, стипендирање на студенти, Универзитетски студентски спорт, Студентско практикантство на УКИМ, поддршка на студентскиот активизам и автономија.

„Само преку целосна анализа за причините кои се клучни за сегашното рангирање на УКИМ и дефинирање на сите институционални и државни мерки кои треба веднаш да се преземат, но со долгорочно влијание, ќе може да се достигне поставената цел. Опаѓачкиот тренд на интересот да се студира на УКИМ, особено на дел од студиските програми значајни за нашето стопанство и за јавниот сектор, се должи и на задоцнетото воспоставување на универзитетски кариерен центар. Тој сѐ уште ги нема дефинирано сите механизми за синхронизирање на активностите на кариерните центри на едниците, на студентите и средношколците, т.е. да биде координатор на настани и активности помеѓу средните училишта и универзитетот, со доминантна улога на студентите во тој процес. Тие укажуваат дека интересот за студирање на УКИМ опаѓа, што се должи на зголемениот број на матуранти кои конкурираат на странски универзитети“, смета професорката Спасевска.

Проф. д-р Димитар Ташковски – Факултет за електротехника и информациски технологии

За Ташковски, УКИМ мора да биде современ, отворен и истражувачки Универзитет за да одговори на предизвиците на новото време и заканите на кои е постојано изложен. Тоа подразбира современи студиски програми, современа и модерна инфраструктура, одлични услови за работа, силна соработка помеѓу различните единици и вработени и главна улога во создавањето ново знаење и трансфер на технологии кон општеството. Смета дека само на тој начин УКИМ ќе и служи на својата улога за која и е формиран, стожер на напредно образование и знаење и двигател на економскиот развој на државата. 

За подобрување на квалитетот на УКИМ во сите дејности како и за поттикнување на континуиран развој на сите единици на УКИМ, треба да се дефинираат и стратешки насоки за развој на ниво на УКИМ. Тој смета дека треба да се донесат повеќе стратегии, меѓу кои:

- Стратегија за системот за обезбедување на квалитет,

- Стратегија за развој на студиски програми,

- Стратегија за научноистражувачка дејност, трансфер на технологии и иновации,

- Стратегија за меѓународна соработка и интернационализација,

- Стратегија за развој на спортот, културата и уметничката дејност,

Главните приоритети на кои ќе се фокусира во мандатниот период се настава и учење,  научноистражувачка дејност, иновации мешународна соработка и интернационализација, обезбедување на квалитет, човечки ресурси, финансирање дигитализација и современа инфрастурктура.  

„Одлуката да се кандидирам за ректор на УКИМ е исклучиво резултат на мојата намера да придонесам за трансформација на УКИМ во современ, отворен и пред сѐ истражувачки универзитет кој ќе биде двигател на промените во општеството. Чувствувам обврска моето акумулирано знаење и богато искуство во делот на обезбедување на квалитет, наставна и научноистражувачка дејност, трансфер на знаење и иновации и раководење на високообразовна институција да ги ставам на располагање и како ректор да му служам на УКИМ и на сите негови вработени и студенти. За поткрепа на моите знаења и искуства ќе наведам дел од моите позначајни активности во различните дејности. Слободен сум да кажам дека резултатите од мојата досегашна работа, а пред се како декан на ФЕИТ, се јасно видливи и препознаени од академската и од пошироката јавност. Убеден сум дека истите можам да ги проширам и на ниво на УКИМ и со тоа да дадам придонес во развојот на УКИМ и на целото општество. Но, без поддршка на сите вработени и студенти на УКИМ тоа нема да биде можно. Во програмата се предвидени голем број активности во различни области и ќе биде неопходно вклучување на голем број колеги преку работа на единиците, комисиите на УКИМ, ново планираните центри и канцеларии, со цел да дефинираме и воспоставиме стратегии, системи, процедури, тела и релации кои ќе бидат гаранција за понатамошен развој на УКИМ“, вели Ташковски.