Македонска берза ја заокружи првата половина од годината со значителни показатели на раст, покажува полугодишниот статистички билтен на Берзата. Вкупниот промет порасна за 12,82 насто во однос на истиот период лани, додека бројот на трансакции бележи раст од 14,80 проценти. Најсилниот индикатор на позитивните движења, берзанскиот индекс МБИ10, е зајакнат за 37,13 проценти, достигнувајќи вредност од 10.565,34 поени.

Во шестмесечната берзанска статистика се регистрирани 11.721 трансакција и вкупен промет од 4.379.661.757 денари, односно 71,2 милиони евра. Во оваа сума најголемо е учеството на 10– те најтргувани акции, кои преку 11.432 трансакции реализирале 3.033.792.644 денари.
Кои акции се фаворити на инвеститорите?
Најтргувани акции на официјалниот пазар на Mакедонска берза за периодот јануари-јуни годинава се акциите на Комерцијална банка со остварена просечна цена од 29.146,05 и истргувани 37.838 акци во 4.028 трансакции, а вкупната вредност на остварениот промет 1.102.828.165 денари. Во истиот период акциите на Алкалоид постигнале просечна цена од 28.140,53 и истргувани 33.852 акции во 3.140 трансакции. Вредноста на прометот за акциите на Алкалоид во шесте месеци изнесува 952.613.267 денари.
На трето место за најтргувани се акциите на Макпетрол со просечна цена од 108.663,04 и 2.325 акции, со остварен промет 252.641.577 во 734 трансакции. Просечната цена на акциите на Стопанска банка Скопје e 2.947,58 и тргувани 76.745 акции во вкупна вредност од 226.211.764 денари и 1.058 извршени трансакции.
Во овој период акциите на НЛБ Банка достигнале просечна вредност од 58.665,54 денари и истргувани 2.461 акции со вкупна вредност во 585 трансакции во вкупна вредност од 144.375.894 денари.
Во десетката најтргувани акции се и Реплек, Гранит, Македонијатурист, Македонски Телеком, Стопанска банка Битола .
Класичното тргување во фокус на прометот
Во класичното тргување е реализиран промет од 3.095.292.474 денари (50,5 милиони евра), проследено со раст од 9,82 насто во однос на истиот период од 2024 година. Во тие рамки, придонесот од тргувањето со акции е 2.596.485.704 денари (42,2 милиони евра), при што годишната промена е плус 17,46 проценти.
Од друга страна, тргувањето со обврзници драстично е намалено – за 79,59 отсто, со реализација од само 45.331.737 денари (737 илјади евра). Исто така, и блок-трансакциите се во опаѓање (-27,19 отсто), со вредност на прометот од 758.573.283 денари или 12,3 милиони евра.
Најактивен месец на Македонска берза бил јануари со остварен промет од 949.362.671 денар (15,4 милиони евра) и со раст од 21,68 насто споредено со јануари 2024. Најнискиот промет е забележан во март, со сума од 443.101.110 денари, односно 7,2 милиони евра. И покрај тоа, годишната промена е позитивна 10,12 проценти. Вкупната пазарна капитализација на Македонската берза достигна 359.138.262.826 денари или 5,83 милијарди евра.
Акциите на Фустеларко Борец со најголем раст
Најголеми добитници во првата половина од 2025 година се имателите на акции на Фустеларко Борец Битола, кои од 2101 денари на крајот на годината, пораснале за 52,36 проценти во ова полугодие од 2025 и се искачиле на 3.201 денари. Пораст од 27, 71 отсто беелжат и акциите на Макпетрол и 27, 27 отсто акциите на Адинг. Потоа следуваа акциите на Македонија осигурување Скопје - Виена Иншуренс Груп и Македонијатурист со раст на цените од 22.51 отсто и 18.34 отсто, соодветно.
За разлика од овие во овој шестмесечен период најголемо опаѓање на цената од минус 49,24 бележат акциите на ФЗЦ 11 Октомври Куманово. Минус од 37,50 бележат и акциите на Либерти Скопје. Пад на цената има и кај акциите на ОКТА, на Реплек и на Тетекс.