По 1.000 евра месечно добивале пратеници од последниот пратенички состав за патни трошоци до своето место на живеење. Само минатата година за оваа ставка им биле исплатени над 366 илјади евра (22.554.520 денари), (извор Мета.мк).

За голем број од нив никој не чул, никогаш не се истакнале на собраниската говорница за да кажат некој паметен предлог или дискусија за доброто на државата. Значи,  работата е грабање! Требаше многу порано да сфатиме дека  никој паметен не треба да биде убеден дека тој што ќе го избереме ќе мисли и на нас, ќе се бори за нашиот стандард, за нашите здравствен или образовни потреби, за средување на администрацијата од која не можеме да добиеме лични документи, за општата голема сиромаштија и за се друго. Во Македонија се покажа дека пратеничката функција е посакувана само за богатење, а не за сесрдно учество во решавањето на проблемите.  

Замислете, тие пратеници примале дури по 1000 евра плус од платата, која во просек во собранието изнесува 2000  евра и никогаш не помислиле дека тоа не е фер, дека е безобразно пред сиромашниот народ, да го постави на дневен ред прашањето за огромната разлика во примањата меѓу тие собраниски медиокритети и сиромашниот народ, меѓу нив и високостручниот кадар на кој времето му поминува без вработување и секојдневно си оди од земјава. Секој месец по 40 медицински сестри го напуштаат здравството.

На една пратеничка, во 2022 година, ѝ биле исплатени над 14.000 евра, што е највисока сума од сите пратеници. На друга од Охрид 13 000 и на еден од Струга - 14.400 евра. Списокот е многу подолг.

Демек нивата цена не е изразена само преку платата , туку ова се дополнителни примања како награда за нивната работа во најсиромашната земја во Европа, а тие се демек на местата на кои треба да ја извадат од сиромаштијата а тие дополнително ја цедат, а ниеден состав не ја исполни задачата.

Слободно можеме да кажеме дека пратениците законски, преку законите што сами ги носат во своја корист, на легален начин ја пљачкаат државата, државниот буџет, односно населението, граѓаните од сите националности. Се пењават на говорницата многу често со глупави и тупави дискусии, божем нешто се борат, а мислата им е во бифето во кое храната и пијалоците се со смешни цени. Тоа значи уште една привилегија за нивната пратеничка позиција.   

Тие исти пратеници постојано ги повторуваат деловите на извештаите на Европската комисија кој укажуваат на  ненормален степен на корупција, односно дека земјава е метастазирана, тоа значи дека нема здраво ткиво во системот. Најголемата корупција е во партиското вработување, т.н. клиентелизам, создавање зависност поради тоа вработување и вечна благодарнсот, а резултатите во работата се никакви. Банално е веќе да се реди какви се „стручните“ услуги во здравството, или во издавањето лични документи, во што се обрука државата, а службенците, поставени по партиски клуч или според балнсерот, мува на ги лази.  

Годишнаа стапка на раст на еконимијата се движи околу 2 проценти што не претставува никаков раст. Сите ја изразуваат желбата за повисоки стапки, а знаат дека во ваква состојба никој не е заинтересиран да вложува во земја која не функционира. Таа е само територија во која не работи ниеден систем, се е расипано и распаднато.

„Заостануваме зад сите земји во регионот. Нискиот животен стандард и квалитет на живот доведуваат до значителни поделби, посебно етнички и наместо придонес, секој се бори да зграби што поголем дел од јавниот колач – било да се државни вработувања, тендери или да ги злоупотреби јавните ресурси.“ Ова е пораката од самитот „Македонија 2025“.

Кон средината на овој месец се оддржа панел дискусија на која гермаснките инвеститори во змејава укажаа на неколку причини поради кои или нема да ги продолжат инвестициите во земјава или ќе ги преселат во африкаснките земји, со што јасно ни го плеснаа в лице фактот дека Македонија веќе не може да се трка ни со африканските земји, кои се уште важат за, во глобала, најнеразвиени во светот, но секој има право на развој и тоа на брз развој.  

Германците ни укажуваат на тоа дека некои процеси многу се пролонгираат, како на пример вадењето работни дозволи за странци, други типови дозволи потребни за компаниите, немаат конкретен одговор зошто одлуката не е донесена, не знаат зошто се одбиени, не знаат зошто тој проес трае и нема решение.

Минатата година, Германија и Македонија имале трговска размена во висина од 5,13 милијарди евра или зголемување од речиси 7% во споредба со 2022 година. За зголемениот раст на ивестициите одговорни се германските инвеститори кои реинвестирале.

Демографскиот проблемот и белата чума, што го нагласија германските инвеститори, е друго прашање, со кое овде нема да се занимаваме.   

Корупцијата, судството и лошата администрација и натаму остануваат главни проблеми за нив. Додуша, тие велат дека  досега од ниту еден германски инвеститор не било побарано мито, но не знаат зошто мора толку да чекаат службите да им издадат некој документи.

Кому да му се даде довербата на изборите, ниеден пратеник не го покрена ова прашање од осамостојувањето до денеска. Тие се убедени дека се избрани, што е факт. Но се избрани со надеж дека еден ден ќе ја помрднат заглавената држава, закопаната во калта, во сиромаштијата, во мракот на здравстото, на образованието во кој граѓаните веќе се навикнати да се движат според сопствениот инстинкт, а не по системските патеки за да остварат свое право на услуга или правда. Мора да се смени изборниот модел и да се оди на отворени листи на чесни граѓани докажани во своите средини и во широкиот јавен простор. Но, од таквиот модел сегашните партии бегаат како ѓавол од крстот.

Тогаш, ако новиот собраниски состав не го обели образот на сите досегашни состави што грабаа и се тепаа за изгласување секакви можни ставки за земање пари од буџетот, следните избори треба да се бојкотираат и да се остави да  тече се’ така стихијно, па белким матицата ќе го најде своето корито.